Миа Костовска, лиценциран психолог, семеен-системски советник, докторанд по психологија
Миа Костовска, лиценциран психолог, семеен-системски советник, докторанд по психологија

Миа Костовска, докторанд по психологија: Не постои „правилен“ или „погрешен“ момент за барање психолошка помош

Понекогаш е корисно да се запрашаме: дали се однесувам кон себе со истото разбирање и сочувство со кое се однесувам кон луѓето што најмногу ги сакам?

Во време кога стресот станува сè поголем дел од секојдневието, сè повеќе луѓе активно бараат начини да се справат со менталниот товар и да воспостават баланс помеѓу обврските, личниот живот и сопственото здравје. Брзиот ритам на живот, постојаната изложеност на информации, професионалните притисоци и неизвесноста дополнително ја зголемуваат потребата за свесна грижа за себе. Сè повеќе истражувања покажуваат дека редовното вложување во менталното здравје не само што го подобрува расположението, туку влијае и врз физичкото здравје, продуктивноста и односите со другите.

Токму за ова зборува Миа Костовска, лиценциран психолог, семеен-системски советник, докторанд по психологија која објаснува зошто грижата за менталното здравје треба да стане дел од секојдневната рутина, а не реакција само во моменти на криза. Во разговорот за „Слободен печат“ таа се осврнува на најчестите заблуди околу психолошката помош, колективниот стрес по трагедии, но и на важноста од пронаоѓање на сопствени начини за релаксација и враќање на внатрешната рамнотежа.

Често на моите клиенти им поставувам едно едноставно прашање: „Што би правел утре, доколку стравот не постои?“ Ако одговорот значително се разликува од начинот на кој моментално живеат, тоа често е знак дека стравот веќе премногу го ограничува нивниот живот, и дека веројатно е време за психолошка интервенција, вели Миа во разговорот за „Слободен печат“.

Грижата за менталното здравје треба да е свесен избор, затоа и современите решенија стануваат сè поважна поддршка. Платформи како една од најуникатните македонски апликации FitKit овозможуваат брз, лесен и сигурен пристап до илјадници активности за фитнес и ментална благосостојба во многу градови низ Македонија и регионот, правејќи ја грижата за себе многу поедноставна, достапна и одржлива.

Со само неколку клика и без талкање е возможно да се реализира средба со стручни лица како Миа од платформата Разговор.мк, чии лиценцирани психолози се дел од големата понуда на FitKit во категоријата Ментално здравје. Можете да бирате од 50+ лиценцирани психолози, стручни на најразлични теми, преку сесија онлајн или во живо, како и да ви одговара. Доколку сте стручно лице, можете да се приклучите во понудата со пополнување на веб-формата.

Во продолжение, прочитајте го интервјуто со м-р Миа Костовска:

Во општество каде што луѓето често се плашат да признаат дека им е тешко, што е најголемата заблуда околу барањето психолошка помош?

Веројатно најголемата заблуда сè уште е верувањето дека психолошка помош бараат само лица со сериозни психички нарушувања. Во реалноста, психотерапијата е простор наменет за многу поширок спектар на луѓе и животни предизвици. Во мојата пракса често го гледам спротивното од овој стереотип – на терапија доаѓаат луѓе со развиена самосвест, кои се подготвени активно да работат на себе и на квалитетот на својот живот.

Дополнително, иако помалку присутна кај помладите генерации, сè уште постои одредена конфузија околу улогите на психологот и психијатарот. Дел од луѓето мислат дека психологот веднаш ќе препише медикаменти, но тоа е надлежност на психијатрите. Психолозите работат преку разговор, утврдени психотераписки техники и поддршка за промена на животниот стил – со цел подобро разбирање и справување со емоциите и животните предизвици.

По големи колективни трагедии или случаи на насилство што ја потресуваат јавноста, какви психолошки реакции најчесто се појавуваат кај луѓето? И како тоа влијае врз колективната психа на луѓето?

По големи трагедии, првите реакции кај луѓето најчесто се шок, неверување и силна емоционална вознемиреност.
Во психологијата, соочувањето со загуба често се опишува преку фазите на тагување на Елизабет Киблер-Рос, психијатар и пионер во истражувањата поврзани со смрт и големи загуби. Првата фаза е негирање („ова не е можно, не е вистина“), потоа доаѓа гневот („како можеше да се случи, зошто баш на нас“), следно најчесто е т.н. преговарање („што ако нешто било поинаку, што ако можеше да се спречи“), потоа фаза на депресија („ништо повеќе нема смисла, чувствувам огромна тага и празнина“) и крајно, постепено прифаќање на реалноста („ова се случи и мораме полека да продолжиме да живееме со таа загуба“). Важно е да се нагласи дека овие реакции не се линеарни и не се исти кај сите луѓе; тие често се испреплетуваат и се доживуваат различно (Kübler-Ross, 1969).

Кога трагедијата ја погодува целата заедница, зборуваме и за колективни психолошки реакции. Истражувањата за колективна и културна траума покажуваат дека ваквите настани можат да создадат чувство на општествена ранливост, страв за сопствената безбедност, силно сочувство со жртвите, но и гнев и недоверба кон институциите, особено кога јавноста чувствува дека трагедијата можела да биде спречена (Erikson, 1976; Alexander, 2004).

Еден често погрешно разбран феномен е и т.н. обвинувањето на жртвата. Доволно е да ги погледнеме коментарите на социјалните мрежи под објавите за трагедии или фемициди, за да видиме дека вакви реакции постојат. Секако, тие не може да се земат како мерка за ставот на целото општество, но даваат увид во дел од психолошките одбранбени реакции. Дел од нив се објаснуваат преку концептот „верување во праведен свет“ – тенденцијата луѓето да веруваат дека трагедиите можат да се избегнат ако се донесат „правилни“ одлуки. Така, несвесно се создава чувство на контрола: ако жртвата можела да направи нешто поинаку, тогаш истото не може да му се случи на мене, бидејќи јас точно знам како би постапил во таква ситуација.

Сепак, реалноста е многу покомплексна и секоја трагедија има свои уникатни околности. На ниво на колективната психа ваквите настани често создаваат страв, анксиозност и недоверба, но истражувањата покажуваат дека понекогаш се појавува и феноменот посттрауматски раст. Тоа значи дека, и покрај огромната болка, заедниците понекогаш развиваат поголема солидарност, емпатија и чувство за заедништво. Траумата не исчезнува, но начинот на кој луѓето се поврзуваат и си даваат поддршка може да стане извор на нова колективна сила (Tedeschi & Calhoun, 2004).

Често слушаме „биди силен“ или „ќе помине“ – дали ваквите пораки навистина помагаат или понекогаш ја продлабочуваат стигмата околу барањето помош?

Кај ваков тип пораки важно е да ја разликуваме намерата од ефектот. Намерата речиси секогаш е добронамерна – луѓето сакаат да утешат и да мотивираат некој кој поминува низ тежок период. Но ефектот, често може да биде сосема спротивен.
Кога на некој кој страда му се кажува „биди силен“ или „ќе помине“, постои ризик неговата болка да се почувствува како да е минимизирана или недоволно разбрана. А токму чувството да се биде слушнат, разбран и валидиран има силен терапевтски ефект.

Дополнително, ваквите пораки можат да создадат и невидлив социјален притисок. Од една страна лицето се соочува со сопствената болка, а од друга страна може да почувствува дека од него се очекува да не покажува ранливост. Во таква ситуација може да се појави и уверување дека, доколку не успее да биде „доволно силен“, на некој начин ги разочарува најблиските. Тоа понекогаш ја продлабочува вознемиреноста и влијае на сликата што човек ја има за себе.

Затоа, иако се добронамерни, ваквите пораки понекогаш несвесно ја одржуваат стигмата околу емоционалната ранливост и барањето психолошка помош – стигма која, за жал, сè уште е присутна во нашето општество.

Како човек може да препознае дека веќе не може сам да се справува со стресот, тагата или стравот и дека е време да побара стручна помош?

Во прв момент е природно и здраво човек да се потпре на своите внатрешни ресурси. Луѓето се адаптибилни суштества и сосема е нормално првата мисла да биде: „Можам ли сам/а да се справам со ова?“ Во пракса, ретко кој бара психолошка помош веднаш кога ќе се појави проблем. Според моето искуство, често поминуваат недели, месеци, а понекогаш и години од моментот кога човек првпат ќе помисли дека му треба помош до моментот кога навистина ќе ја побара.

Проблемот настанува кога стресот почнува да се акумулира или кога се работи за трауматско искуство за кое е потребна навремена стручна интервенција. Тогаш полека се трошат внатрешните ресурси и состојбите како анксиозност, страв или тага почнуваат да ја преовладуваат личноста.

Не постои „правилен“ или „погрешен“ момент за барање психолошка помош. Но еден важен сигнал е кога потешкотиите почнуваат да влијаат на секојдневното функционирање – на работата, односите со луѓето, грижата за себе или чувството на смисла и стабилност.

Често на моите клиенти им поставувам едно едноставно прашање: „Што би правел утре, доколку стравот не постои?“ Ако одговорот значително се разликува од начинот на кој моментално живеат, тоа често е знак дека стравот веќе премногу го ограничува нивниот живот, и дека веројатно е време за психолошка интервенција.

Како можеме како општество да создадеме средина во која е нормално да се разговара за менталното здравје?

Земајќи ги предвид етнопсихолошките карактеристики на Балканскиот регион, можам да кажам дека во последниве години се забележува одреден напредок во разговорот за менталното здравје. Сепак, просторот за подобрување е сè уште голем. Кога зборуваме за „општеството“, важно е да запомниме дека тоа не е апстрактен ентитет одвоен од нас – општеството сме сите ние. Со тоа, секој од нас носи дел од одговорноста за создавање поздрава и поотворена средина.

Промената најчесто почнува од малите, секојдневни реакции. Кога некој близок ќе се отвори и ќе сподели дека му е тешко, најважно е да понудиме разбирање, поддршка и неосудувачки став. Не мора веднаш да даваме совети или да се обидеме да „решиме“ нечии проблеми. Понекогаш најсилната поддршка е едноставното, внимателно слушање – без предрасуди.

За крај, би сакала да испратам порака до сите кои се соочуваат со ментална потешкотија: менталниот товар што човек го носи често тежи многу повеќе од срамот или стигмата што ја чувствува. Барањето помош не е знак на слабост, туку чин на храброст и грижа за себе. Понекогаш е корисно да се запрашаме: дали се однесувам кон себе со истото разбирање и сочувство со кое се однесувам кон луѓето што најмногу ги сакам? Ако научиме да си го дадеме тој ист степен на разбирање и грижа, ќе направиме важен чекор и за сопственото, и за колективното ментално здравје.

Миа Костовска, лиценциран психолог, семеен-системски советник, докторанд по психологија е достапна на FitKit.

Ако почнувате нешто ново и брзо се откажувате, ова е за вас

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот