Радуловиќ: Задоволството ги покрива сите нервози и стресови

МЗТ Скопје по десетти пат триумфира во кошаркарскиот Куп на Македонија кој од годинава го носи името на легендарниот Благоја Гергиевски – Буштур, а тренерот Дарко Радуловиќ дојде до својот прв трофеј. Стратегот на „металците“ не го криеше задоволството од победата и освоениот трофеј.
– Задоволството ги покрива сите нервози и стресови од изминатите денови. Да им честитам на овие мои храбри и одлучни момци кои одговорија одлично на противник и знаеја какви одлуки да носат во игра. Би сакал да споменам и некои луѓе кои имаат голем удел во овој пехар. Тоа се пред се Ѓорѓи Кочов, мојот претходник, кој има големи заслуги за ова денес, тој е креатор на оваа екипа, а би сакал да им се заблагодарам и на членовите на стручниот штаб кои си заминаа во меѓувреме. Им благодарам на раководството што ми ја даде довербата и поддршката да го водам овој тим, на стручниот штаб кој даде се од себе за да излеземе што поподготвени на терен и секако на моите играчи кои покажаа дека имаат квалитет. Во соблекувалната им кажав, ако имаме повеќе од 20 поени во транзиција – победувавме. Ние имавме 26 и тоа е тоа. Во комбинација со добра одбрана и секако агресивна игра – вели Радуловиќ.
На спротивната страна, Димитар Мираковски спортски го призна поразот.
– Немавме енергија, одигравме тесни натпревари во овие два дена. Немам што да им замерам на играчите, ние влеговме со многу фаул уште на почетокот и секој момент кога се доближувавме кон резултатот фаулите не враќаа чекор назад. Три тешки денови се зад нас, нема да жалиме. Од среда играме плејоф. Да се насочиме кон тоа, да одмориме и да се обидеме да ја освоиме шампионската титула – вели Мираковски.