Пошта - препорачани писма и пакети. Фото -Слободен печат - Методи Здравев

„Работиме за минимална плата и таа не ја добиваме навреме“ – вработените во „Пошта“ излегоа на протест

Вработени во „Македонски пошти“ денеска излегоа на протест поради доцнењето на платата за декември, изразувајќи незадоволство од, како што велат, континуираното непочитување на законските рокови за исплата. Тие порачаа дека работат за минимална плата, но и таа не можат да ја добијат навреме, па најавија дека доколку тоа се повтори и во наредниот месец, ќе донесат одлука за следни чекори, а не се исклучува и можноста од штрајк.

Според синдикалните организации, на протестот не учествуваат само вработени од скопските филијали, туку и нивни колеги од повеќе градови низ внатрешноста на државата.

Претседателот на Синдикалната организација на „Македонски пошти“, Сашо Димитриевски, изјави дека доцнењето на платите трае веќе неколку месеци, а дека денешниот протест е директна реакција на неисплатената декемврска плата.

Тој најави дека наредната недела синдикатите ќе донесат одлука за натамошните чекори, која ќе биде доставена до Управниот одбор на компанијата, доколку платата за јануари не биде исплатена до 15-ти следниот месец.

„Овој протест е знак на револт на вработените, бидејќи е пробиен законскиот рок за исплата на плати. Ова е трет или четврти месец како доцни платата, но овој месец го проби дното, денеска е 23 јануари. Ако и наредниот месец не се исплати платата до 15-ти, ќе продолжиме со протести, а не ја исклучуваме ни можноста од штрајк“, изјави Димитриевски.

Поддршка на протестите даде и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, кој рече дека околу две илјади вработени во „Пошти“ овој месец останале без плата и празниците ги поминале без никакви приходи.

„Додека ние протестираме за зголемување на платите, овие луѓе протестираат за исплата и на така ниската плата што ја имаат“, изјави Трендафилов, додавајќи дека протестите се одржуваат во сите филијали низ државата.

Тој упати остра порака до раководството на компанијата, оценувајќи дека никој нема право да ги остава вработените без плата и истовремено да врши притисоци врз нив за да не протестираат.

Во меѓувреме, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски неодамна најави реструктуирање на „Македонски пошти“, обновување на возниот парк со донација на 100 комби-возила и воведување ново софтверско решение, што според него треба да придонесе за зголемена ефикасност и профитабилност на компанијата.

И покрај ваквите најави, вработените велат дека реалноста на терен е поинаква и дека нивното трпение е при крај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот