Владата ќе купува 100 амбулантни возила, но и 100 комбиња за „Пошта“
Владата најави дека ќе набави сто нови амбулантни возила за државните болници, а во исто време и дека ќе купи сто комбиња за А.Д. „Пошта“.
Препорачано
Одлуката за набавка на нови амбулантни возила била донесена вчера на владина седница. Како што соопшти министерот за здравство, Азир Алиу, новите амбулантни возила ќе бидат распределени во јавните здравствени установи во државата.
Амбулантните возила со медицинска опрема, како што најави Алиу, ќе чинат околу 7,5 милиони евра (461.250.000 денари), а средствата ќе бидат обезбедени со преземање обврски во рамки на развојниот дел од буџетот во наредните четири години.
-Ова ќе значи побрза и поефикасна интервенција во итни случаи, навремен транспорт на пациенти до секундарно и терциерно ниво, подобра покриеност во урбаните и во руралните средини – вели Алиу.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска на јавниот состанок што го одржа Агенцијата за пошти соопшти дека следниот месец „Пошта“ ќе добие 100 возила – 90 мали и 10 големи комбиња.
– Работиме и на програма што ќе значи дополнителна помош за Македонска пошта и во делот на софтвер, сортирки, просторни услови и можност за испорачување најдобри услуги на пазарот. Во таа насока соработката со Агенцијата има клучна улога – изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски на јавниот состанок што го одржа Агенцијата за пошти.
Тој укажа и дека традиционалниот начин на трговија полека изумира, а за сметка на тоа се поатрактивна станува е-трговијата. Во овој контекст Николоски нагласи дека земјава ќе мора да го фати чекорот.
– Со новите текови, особено во е-трговијата, овој сектор ќе биде апсолутно атрактивен и тука мислам дека приватниот капитал ќе треба да го најде сопствениот интерес. За жал, традиционалниот начин на трговија изумира, ќе гледаме многу затворени дуќани во периодот пред нас и тоа е светски тренд, ќе гледаме многу трговски центри што не можат да опстанат или се затвораат, а ќе има многу повеќе пратки што ќе доаѓаат до крајните корисници, до нивна адреса и тоа треба да го направите вие. Тука е улогата во која ќе може да се најде и приватниот сектор. Да ги фатиме светските трендови во е-трговијата, работните места кои ќе се изгубат во традиционалната трговија да ги надополниме со работни места кои се надевам дека ќе се отвораат во нови пошти и во зголемување на работата на постојните – истакна Николоски.
Според него, работите не треба да се гледаат розово, туку реално, какви што се.


