Владимир Путин/Фото: EPA/SERGEI ILNITSKY

Путин сака брзо да ја заврши војната со Украина, тврдат извори блиски до Кремљ

Рускиот претседател Владимир Путин сака да ја заврши инвазијата врз Украина до крајот на тековната година, но под услови што самиот би ги сметал за „победнички“ за Русија, пишува „Блумберг“, повикувајќи се на извори блиски до Кремљ.

Причината за ваквиот став на рускиот претседател се, како што наведуваат, растечките внатрешни проблеми кои се директна последица од инвазијата, која, во очите на руските сили што стојат зад Путин, требало да заврши во првите месеци.

Според „Блумберг“, ситуацијата на бојното поле, исто така, придонела за плановите на Путин, каде што Украина успеа да ја ограничи претходната руска офанзива и сега двете страни се практично во пат-позиција.

Сепак, Путин сака инвазијата да заврши под услови што ѝ одговараат на Русија, а главен меѓу нив е предавањето на контролата врз целиот регион Донбас. Русија во моментов окупира близу 90 проценти од овој регион, кој се состои од областите Донецк и Луганск.

Исто така, рускиот претседател бара сеопфатен безбедносен договор со Европската Унија во кој Брисел би го признал територијалното проширување на Русија. Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги негираше информациите дека Путин поставил конкретен рок за крај на војната.

„Блумберг“ наведува дека украинските дронови им нанесуваат значителни загуби на руските сили на фронтот и сè почесто погодуваат цели длабоко во руска територија, што дополнително го зголемува незадоволството во Русија.

ВИДЕО | Украински дрон погоди училиште во Луганск, загинаа четворица

Според извори на агенцијата, меѓу обичните Руси расте заморот од војната поради економските проблеми и ограничувањата на интернетот, а нервоза има и меѓу руската елита. Дел од високите функционери на Кремљ сметаат дека војната влегла во ќор-сокак и дека нема јасен пат кон решение.

Агенцијата истакнува дека масовната употреба на дронови од Украина станала клучен фактор во војната.

Минатиот викенд украинските сили изведоа еден од најголемите напади со дронови врз Москва и московскиот регион од почетокот на инвазијата. Според „Блумберг“, сè повеќе Руси директно го обвинуваат Путин дека војната ја донел до нивниот праг.

Неколку европски дипломати, кои сакале да останат анонимни, оцениле дека расположението во Русија е мрачно, додека украинските напади ја пренесуваат војната во самата руска престолнина.

„Русија не успева на бојното поле“, рекол Најџел Гулд-Дејвис од Меѓународниот институт за стратешки студии, проценувајќи дека Кремљ речиси сигурно ќе мора да спроведе нова делумна мобилизација во следните 12 месеци.

На 9 мај Москва ја одржа најкратката парада по повод Денот на победата во модерната руска историја. За првпат по многу години немаше прикажување воена техника, туку видеоснимки од употреба на оружје. За време на парадата биле забележани и прекини на интернетот во центарот на Москва.

Најмалку седуммина загинати, 44 повредени и 20 исчезнати во масовниот руски напад — во Киев утре е Ден на жалост

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот