Фото: Министерство за спорт

Пуштен во употреба новиот базен при салата „Партизан“ во Карпош

Од денеска официјално пуштен во употреба е новиот затворен базен во Скопје, кој е сместен до спортската сала „Наум Наумовски Борче“ во Карпош, меѓу карпошани попозната како салата „Партизан“.

На отворањето присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој изјави дека овој објект ќе биде од огромно значење за најмладите карпошани.

„Денеска присуствував на отворање на новиот базен Карпош, во Општина Карпош. Човек не може да не биде задоволен кога ќе направите нешто добро и корисно за заедницата, особено за најмладите. Посакувам во иднина да имаме уште многу вакви проекти. Базенот е со вредност од 46.700.000,00 денари. Станува збор за училишен базен со корито со длабочина од 0,80 до 1,20 метри, со ширина од 9 метри и должина од 25 метри“, соопшти Мицкоски.

Откако ѝ ја даде, Владата сега ќе ѝ ја одзема салата „Партизан“ на Општина Карпош

Министерот Борко Ристовски истакна дека вложувањата во спортската инфраструктура остануваат еден од главните приоритети на Министерството и најави изградба на уште неколку базени низ државата.

„Министерството за спорт продолжува со реализацијата на сите капитални проекти кои беа заостанати. Имаме обврска да ги завршиме проектите што ги затекнавме и да ги ставиме на располагање на граѓаните. Ова е шестиот базен кој Министерството за спорт го завршува или е во завршна фаза, а започнуваме и со изградба на базени во Струмица и Кавадарци. Ова е еден од проектите што имаат не само спортска, туку и многу поголема важност, бидејќи се наменети за најмладите да пливаат, да спортуваат и да ги учат вистинските вредности“, рече министерот.

Пинг-понг помеѓу Општина Карпош и Министерството за спорт: Кој е виновен што новата сала „Партизан“ не се користи?

Новиот затворен базен е со должина од 25 метри и ширина од девет метри, а со објектот ќе управува Општина Карпош. Од Општината потенцираа дека базенот ќе биде бесплатен за користење за децата од прво до трето одделание и за нив нема да се наплаќа користење.

Оваа локација најверојатно ќе биде една од алтернативите за пливачите кога базенот „Карпош“ при СЦ „Борис Трајковски“ ќе се затвори на подолг период поради голема реконструкција.

Базенот „Карпош“ наскоро оди на „ремонт“, се бараат алтернативи за пливачите кои пак ќе останат на суво

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот