Базенот „Карпош“ наскоро оди на „ремонт“, се бараат алтернативи за пливачите кои пак ќе останат на суво
Треба да започне големо реновирање со зафати на покривот, коритото, соблекувалните и останатата инфраструктура. Додека се чека точниот датум за затворање на објектот, пливачите, родителите и Федерацијата бараат алтернативни решенија за тренинзите да не запрат целосно.
Пливачите што тренираат во базенот „Карпош“, во рамки на спортскиот центар „Борис Трајковски“, повторно се соочуваат со неизвесност. По инцидентот од април минатата година, кога оштетувањето на дел од покривот ги остави со месеци надвор од вода, објектот сега влегува во нова фаза – големо реновирање кое, според најавите на директорот Данијел Апостолоски, е во финални подготовки. Тоа значи дека базенот најверојатно ќе биде затворен уште подолг временски период.
Препорачано
Лани работеше само половина година
Во април минатата година базенот беше принудно затворен откако дел од конструкцијата на покривот попуштила и кородирала, па беше загрозена безбедноста на пливачите.
Како што тогаш за „Слободен печат“ изјави директерот Апостолоски, при последното реновирање на базенот во 2010 година, на покривот биле монтирани дополнителни мрежи, шипки и профили за потпора на челичниот столб, кои не биле соодветни за специфичните услови на базенот со влага и висока температура. Затоа, тие кородирале, а дел од нив се откачиле од челичната потпора.
Базенот во СЦ „Борис Трајковски“ е затворен поради голем дефект
Тогаш Апостолоски првично најави дека базенот ќе биде затворен еден месец, но санацијата се пролонгираше и траеше пет месеци, за на 1 октомври повторно базенот да биде отворен за пливачите, иако покривот беше покриен со огромни црни платна за целосна заштита на посетителите.
Директорот информираше дека платното е поставено по препорака на изведувачот за целосна сигурност и додаде дека тоа е привремено решение сѐ додека не се подготви проектот за комплетно реновирање на базенот, за кој истакна дека треба да биде готов до март, а потоа ова лето да започнат целосните реновации на објектот.
Сериозна обнова на објектот
По долгите најави, по сѐ изгледа проектот и финансиите за реновирање на базенот „Карпош“ се обезбедени, земајќи предвид дека пливачите веќе добиле известување за затворање на објектот поради целосниот „ремонт“.

Како што дознава „Слободен печат“, на пливачите и на родителите им било кажано дека во моментов се пронаоѓаат решенија и алтернативи со кои нема да запре тренажниот и натпреварувачкиот процес на спортистите, потенцирајќи дека најверојатно ќе се користат дел од училишните базени низ Скопје, како и Олимпискиот базен.
– Разговаравме со тренерите и тие ни соопштија дека наскоро ќе се затвора базенот „Карпош“ поради реновирање, но не се знае точно кога ќе запрат тренинзите. Јас имам две ќерки кои се активни пливачи, треба да се изнајде алтернатива – вели еден родител за „Слободен печат“.
Нашиот соговорник додаде дека поради големиот зафат на базенот, објектот може да биде затворен и повеќе од една година, што би бил уште еден шок за пливачите.
Базенот „Карпош“ затворен на најмалку еден месец, 30 пливачки клубови „на суво“
На оваа тема, од СЦ „Борис Трајковски“ добивме краток и резервиран одговор во кој тие истакнаа дека во моментов не можат да одговорат кога ќе започне реновирањето на базенот „Карпош“, колку ќе трае, колку ќе чини и дали се пронајдени алтернативи за пливачите.
– За поголемиот дел од прашањата не добивме одговор, бидејќи сѐ уште се работи на креирање план во делот на реконструкцијата, како и во делот на престанувањето со работа. Во моментот кога ќе имаме конкретни одговори ќе бидете благовремено известени вие медиумите, како и сите корисници на нашите услуги – одговорија од Спортскиот центар.
Пливачите во шок
Освен пливачите, информацијата за затворање на базенот „Карпош“ директно ќе ја погоди и Националната пливачка федерација, но, како што вели претседателот Сашо Лазаревски, колку и да изгледа страшно и да бара огромно планирање и алтернативни решенија, затворањето и целосното реновирање на базенот е апсолутно потребно.
Но и тој призна дека не го знае точниот датум на затворање на базенот.
– Секако дека затворањето на базенот „Карпош“ и за нас дојде како шок, информацијата за реновирањето на целиот објект е болна за нас како Федерација, но сепак треба да се направи бидејќи базенот неколкупати се затвораше и беше привремено саниран. Сепак, сѐ уште не се знае точниот датум на затворање на базенот – вели Лазаревски за „Слободен печат“.
Тој истакна дека реновирањето на објектот ќе го направи посигурен и стабилен за користење во наредните четири до пет децении, бидејќи, како што вели, последниот пат кога се затвори базенот, со цел да нема поголема пауза за пливачите, било изнајдено принудно решение со поставување на платна и помали санирања на покривот.
До крајот на мај Кисела Вода ќе добие затворен пливачки базен
Како што информираше Лазаревски, објектот на базенот „Карпош“ целосно ќе се реновира, а зафати ќе има на покривот, во коритото на базенот, на нивото под коритото, но и во соблекувалните и останатата инфраструктура, а како што вели, по барање на директорот на Спортскиот центар, Федерацијата предложила дека на објектот му е потребен и фитнес центар, кој веројатно ќе биде изграден за пливачите.
Во однос на изнаоѓање алтернативно решение за пливачите, Лазаревски соопшти дека Федерацијата и СЦ „Борис Трајковски“ се во активна комуникација со Владата и со министерот за спорт Борко Ристовски, а како други опции за „Карпош“ засега се наведуваат училишните базени во „Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода, базенот во салата „Партизан“ во Карпош, како и базен во Ѓорче Петров.

Исто така, како што вели претседателот, се разгледува и можноста за префрлање на дел од пливачите на „Олимписки“.
– Ние моментално сме во активна комуникација со премиерот и со министерот за спорт во однос на изнаоѓање алтернативи. Најверојатно ќе се користат неколку училишни базени, а во моментов бараме и модус со кој би се договориле со концесионерот на „Олимписки“ за користење на базените, но сепак тоа е поголем финансиски предизвик и заради тоа сме во постојан контакт со Владата, од каде имаме слух и сои за тоа се потребни посериозни финансии, но од Владата имаме слух и волја да за нè поддржат- истакна првиот човек на Националната пливачка федерација.
Сепак, родителите и пливачите реагираат дека училишните базени не ги поседуваат потребните димензии за активно и квалитетно тренирање.
– Базените во училиштата не се доволно широки и се длабоки само еден метар, а тоа не е доволно вода за пливање – реагира родител на дете кое со години тренира пливање.
Претседателот Лазаревски истакна дека ова реновирање на „Карпош“ е многу важно и потребно, но тој посочи дека откако ќе се затвори базенот, активностите треба да започнат веднаш и да нема административни пречки кои би го кочеле процесот.


