Пинг-понг помеѓу Општина Карпош и Министерството за спорт: Кој е виновен што новата сала „Партизан“ не се користи?
Градоначалникот на Карпош тврди дека и покрај ветувањето, салата останала недоопремена и без греење, па очекува помош од Министерството за спорт од каде што велат дека немаат таква обврска.
Изминува и десеттиот месец откако заврши изградбата на спортската сала „Наум Наумовски Борче“, односно салата „Партизан“, и откако таа беше официјално пуштена во употреба. На сечењето лента се појави целиот државен врв, сегашниот и претходниот градоначалник на Општина Карпош, низ салата трчаа млади луѓе во спортска опрема, играа на кошевите и шутираа на головите, а пред камерите „падна“ и по некоја партија пинг-понг меѓу политичарите.
За жал, целата оваа радост кусо траеше, затоа што оттогаш до денеска новата сала, за чија изградба се потрошија околу 1,1 милион евра, остана заклучена и недостапна за спортување на младите и за сите други граѓани.
Инвеститор на салата беше тогашната Агенција за млади и спорт, сегашно Министерство за спорт, заедно со Општина Карпош, а по изградбата салата е предадена на Општината, која треба да ја одржува и да стопанисува со неа.
На прашањето зошто салата, за која со години се настојуваше да се реконструира и повторно да биде во функција, сѐ уште е закатанчена и недостапна за спортистите и за рекреативците, градоначалникот Стевчо Јакимовски вели дека во салата нема греење, односно не се поставени грејни тела и ги нема потребните спортски реквизити. За да се доопреми, потребно е да се набават табли со кошеви, рипсови, отскочни штици, јажиња, коњи со рачки, коњ за прескокнување, ниска и висока греда, клупи и закачалки во соблекувалните и други спортски реквизити. Во таква состојба, како што тврди градоначалникот, не може да биде пуштена во употреба.
Доопремувањето на салата го вети поранешната Агенција за млади и спорт, но не беше реализирано. За ова е информирано Министерството за спорт повеќепати и во очекување сме со нивна помош да ги обезбедиме сите овие потреби за да може салата да биде пуштена во употреба и нормално да функционира – вели Јакимовски.
Но, од Министерството за спорт тврдат дека немаат обврска да поставуваат грејни тела и да ја доопремуваaт спортската сала во Карпош, бидејќи салата по реконструкцијата е предадена во владение на Општина Карпош. Оттаму објаснуваат дека примопредавањето на салата од Агенцијата за млади и спорт на Општина Карпош е извршено со записник на 3 јануари 2024 година и со тоа Општина Карпош го презема стопанисувањето и сите обврски околу функционалноста на овој спортски објект.
Проектот за реконструкцијата на спортската сала „Партизан“ е изработен од Општина Карпош и доставен до Агенцијата за млади и спорт. Според договорот за соинвеститорство, наведените обврски околу загревањето и опремувањето на салата ги презема Општина Карпош. По реконструкцијата на салата што е завршена во декември 2023 година, извршен е и технички прием и салата е предадена во владение на Општина Карпош. Со позитивен технички извештај, салата може да се користи и одговорноста зошто таа сѐ уште не е ставена во функција, е кај тој што ја има во владение – велат од Министерството.
ФОТО: Карпошани ќе добијат затворен базен и целосна реконструкција на спортската сала „Партизан“
Реконструкцијата на оваа спортска сала почна во април 2022 година за која АМС од својот буџет издвои околу 1,1 милиони евра, во чии рамки се наоѓаат терени за кошарка, фудбал, одбојка, како и простории за пинг-понг, карате, џудо и стрелачки спортови. Во состав на спортскиот комплекс во тек е изградба и на затворен пливачки базен.
Општина Карпош уште на почетокот на 2019 година ја почна иницијативата за спас и обнова на салата „Партизан“, која по разрешување на правните постапки, премина во владение на локалната самоуправа. Веднаш потоа, Општината во соработка со меѓународната невладина организација „Културно ехо“, спроведе анкета за избор на идејно решение за целосна реконструкција на салата.
Идејните проекти беа подготвени од домашни и од странски млади архитекти на здружението, а изборот преку анкета го направија граѓаните на Карпош. Карпошани најмногу, односно 878 гласа дадоа за идејното решение подготвено од архитектите Томас Ромеро Тали, Метју Сатори и Хавиер Ромеро. Врз основа на овој идеен проект, Агенцијата за млади и спорт потоа го работеше основниот проект.