Првиот академски час на УКИМ се одржа со физичко присуство, по две години пауза поради пандемијата

Фото МИА

Почетокот на новата студиска 2022/2023 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”-Скопје вечерва беше одбележан на Машинскиот факултет со прв академски час кој, првпат по две години, се одржа со физичко присуство.

– По две години пауза поради КОВИД-пандемијата, физички се собравме на свечен час за новата генерација на УКИМ. Ниту една дигитална алатка и платформи, без кои не можевме да функционираме во изминатиот период, не може во виртуелниот простор да ја долови оваа прекрасна и трпеливо чекана атмосфера, рече ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.

Машинскиот факултет денеска ги прими бруцошите од 64-тата генерација. На свечениот прв час присуствуваа и дипломираните на додипломски и на постдипломски студии на овој факултет од 2019, 2020 и 2021 година.

Ректорот им посака добредојде на новите студенти, а на дипломираните – успешна кариера.

-Ви посакувам срдечно добредојде на најстариот, најдобриот и најголемиот универзитет во нашата држава. Од денес свечено му припаѓате на УКИМ, а тоа е чест, но и голема обврска, затоа што знаењето, науката, талентот, креативноста и квалитетот се основни постулати во неговото работење… Ви посакувам низ студирањето да ве следат истрајноста, знаењето и желбата за ваш личен напредок и развој. Работете вредно, посветете им се максимално на студиите, соработувајте со вашите професори, соработувајте и меѓусебно, посветете се на вашата утрешнина, порача Јанкуловски.

Формиран во 1949 година со три факултети, УКИМ денес, рече тој, е заедница од 23 факултети, пет научни институти и четири јавни научни установи, како и придружни членки.

Деканот Дарко Данев соопшти дека за новата учебна година на Машинскиот факултет досега се запишани 189 нови студенти. Првиот час, рече, е и прв чекор да станат инженери и дека факултетот можеби ќе им стане и прв дом.

-За да го завршите факултетот, за да магистрирате, за да бидете способни да се изборите во животот со сите проблеми и предизвици потребно е да ги имате двете основни оружја кои се одлика на сите инженери – логиката и имагинацијата, истакна Данев.

Покрај добредојде за бруцошите, факултетот, рече тој, ги испраќа и тие што дипломирале во изминатите три години „опремени со знаења и способности да го освојуваат својот простор во светот на машинството”. Им посака остварување на нивните соништа, а најмногу од сè, како што рече, посакува да се овозможат услови тие да останат во државава.

Новата академска 2022/2023 година ќе почне в понеделник, 3 октомври, кога на сите факултети на Скопскиот универзитет ќе бидат организирани први академски часови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот