Промоција на трилогијата „Македонски безбедносни лавиринти“ во Дом на АРМ

Во Домот на АРМ во Скопје вечерва ќе биде промовирана трилогијата „Македонски безбедносни лавиринти” на Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и публицист, и на проф. д-р Трајан Гоцевски, универзитетски професор и поранешен декан на Филозофскиот факултет во Скопје, експерт од областа на одбраната и безбедноста и прв цивилен министер за одбрана на независна и суверена Република Македонија и член на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.

Во три книги на 1.200 страници се објавени 49 интервјуа кои беа емитувани на програмите на Македонското радио – Радио Скопје во периодот од 2006 до 2018 година.

Промотори на трилогијата „Македонски безбедносни лавиринти” се Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Република Северна Македонија, проф. д-р Лидија Георгиева, редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, Зоран Иванов, новинар и публицист и доцент д-р Марјан Ѓуровски, продекан за наука и развој на Факултетот за безбедност во Скопје. За уметничкиот дел е задолжен младиот македонски виртуоз на пијано со светско реноме, Арда Мустафаоглу, а модератор на промоцијата ќе биде Анета Трпевска, спикер на Македонското радио – Радио Скопје.

Во својата рецензија проф. д-р Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија, меѓу другото посочува дека трилогијата „Македонски безбедносни лавиринти” е несомнено исклучително публицистичко дело и тоа од најмалку две причини.

– Прво, затоа што е вистинска реткост кај нас да прочитате книга во која е поместена долга серија интервјуа со директен сведок на историјата, и второ, затоа што со ваков потфат се имаат зафатено двајца врвни професионалци во своите области: одбраната и безбедноста, од една, и новинарството, од друга страна – пишува Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот