Промоција на нови водичи во планина – доделени лиценци на 18 кандидати од Македонија и регионот
На 18 февруари 2026 година во просториите на Europe House Skopje се одржа свечен настан за доделување лиценци (UIMLA карнети) на новата генерација професионални водичи во планина, обучени согласно меѓународниот стандард на Union of International Mountain Leader Associations (UIMLA), а во организација на Македонската Асоцијација на Интернационални Водичи во Планина (МАИВП).
Препорачано
На настанот беа доделени лиценци на вкупно 18 кандидати – 8 од Северна Македонија и 10 од регионот (Косово, Албанија, Грција и еден кандидат од САД), кои успешно ја завршија обуката и ги исполнија строгите професионални критериуми за стекнување меѓународно призната квалификација.

Од името на Владата на Република Северна Македонија, на настанот се обрати Билјана Стефаноска, Национален координатор за промоција на туризмот, а обраќање имаше и Претседателот на Национална Асоцијација за Дојдовен Туризам (НАИТМ), Влатко Сулев. Лиценците ги додели Костантин Циривири, Претседател на Македонската Асоцијација на Интернационални Водичи во Планина (МАИВП).
Процесот на обука и лиценцирање претставува значаен чекор во насока на унапредување на квалитетот, безбедноста и професионалните стандарди во планинскиот и авантуристичкиот туризам – сегмент кој е препознаен како стратешки важен за диверзификација на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на дестинацијата.

Воспоставувањето и примената на меѓународно признати стандарди директно се надоврзуваат на стратешките определби за развој на одржлив туризам, унапредување на човечкиот капитал и создавање туристички производи со повисока додадена вредност. Професионалните водичи имаат клучна улога во генерирање доверба кај странските пазари, продолжување на туристичката сезона и насочување на туристичкиот промет кон рурални и планински подрачја, со што се поттикнува локалниот економски развој.
Регионалниот карактер на генерацијата дополнително ја позиционира земјата како центар на знаење и соработка во областа на професионалното планинско водење, придонесувајќи кон јакнење на прекуграничната туристичка понуда и економска поврзаност.

Клучните поенти се дека има Македонска Асоцијација на Интернационални Водичи во Планина (МАИВП), која го организираше настанот, и од 2018 е рамноправна членка на UIMLA (Union of International Mountain Leader Associations). Со ова се промовира авантуристичкиот туризам во Македонија и се создава одржлив развој, со оглед на тоа дека Македонија има што да понуди на светскиот пазар на туризам со планините и природните богатства кои ги имаме. Токму затоа е и значајна професијата International Mountain Leader, дека Македонија и МАИВП го спроведува процесот на обука на кандидати не само од Македонија, туку во моментов и во регионот, односно во случајов, кандидати од Косово, Албанија и Грција.


