Проф. Шкариќ за мерката за групирање во домовите: Што е Уставот во однос на пандемија? Правото сега треба да молчи

Универзитетскиот професор по уставно право доктор Светомир Шкариќ, оценува дека предлогот на Комисијата за заразни болести во домовите да не може да се собираат повеќе од четворица гости е оправдан и дека во услови на пандемија примарно е јавното здравје, а на Уставот треба да се размислува откако државата ќе успее да се справи со кризата која е и глобална.

-Што е Уставот во однос на пандемија? Во Лондон не смеат повеќе од шестмина на улица да се движат. Ни правото ни уставот не можат во вакви вонредни услови да имаат никакво значење. Моне вели дка нужноста ја создава Европа, а не нечија желба. И сега кај нас има нужност. Правото сега треба да молчи. Ние имаме нова околност, загрозување на целата нација. Ако една Америка не може да излезе на крај, што останува за малите народи, ќе исчезнеме како ништо ако не постојат светските усилби да се дојде до вакцината. Ситно е да го толкуваме Уставот сега во вакви услови. Треба да се обединиме и многу проблеми да решаваме без правни средства. Да се види како да се спасиме и да ги почитуваме мерките, изјави професорот за ,,Слободен печат”.

Тој додаде дека конкретната мерка со која во домовите се предлага освен оние што живеат на истата адреса да не смеат да присуствуваат повеќе од четворица, не се однесува на неповредливоста на домот, туку на ограничување на правото на слобода на движење.

-Се е тоа ограничување на слободата на движење и во домот дури. Најчувствителни на такви ограничувања беа британците, а сега мора да го трпат тоа. Ни во паб можат да одат. Во прашање е повисокото добро, животот, и тоа не само на еден човек, туку опасноста што нечие однесување може да биде за другите животи, додаде професорот.

Комисијата за заразни болести вчера и предложи на владата да препорача нови мерки откако епидемиолошката слика во земјава со коронавирусот се влоши, болничките капацитети се наполнија, а за три дена беа регистрирани 1000 нови случаи на Ковид 19.

Нови мерки на Комисијата за заразни болести: Нема прослави по дома и групирања на јавни места, маската задолжителна и на отворено

Согласно епидемиолошката слика и анализите на Институтот за јавно здравје, препораките до владата се да се воведе забрана за групирање во домовите на семејни прослави, слави и други собири во групи. Во едно живеалиште може да се примат најмногу четири луѓе. На семеен настан може да бидат сите со живеалиште на таа адреса, плус најмногу четворица други. Се забранува групирање на јавен простор после 22 часот на повеќе од четворица. Се забранува групирање по паркови, бензински пумпи или било каде на отворено на поголема група граѓани. Задолжително е да се носи маска или бандана шал или друг вид прекривка на носот и устата секаде при престој на отворено, затворено во било кои јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт. Исклучок е при спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита, при транспорт во приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство. При седење во угостителски објект со почитување на протоколите за дистанца и дезинфекција, престој во службени простории – канцеларија ако лицето е само во просторијата. Исклучок од задолжително носење на маска имаат и децата до 6 години, односно до претшколска возраст.

Мерката за групирањето во домот ,,ја запали” јавноста со негодување. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека уставно загарантираното право за неповредливост на домот останува, но дека МВР може да реагира по пријава од соседите.

– Од Комисијата за заразни болести се нудат одредени предлози да имаме некаква рестрикција, која ќе помогне во спречување на ширењето на коронавирусот. Јас очекувам тие предлози да стигнат на седница на Влада за кои ќе разговараме. Ваквиот предлог веројатно е базиран на податоците за случаите кои се позитивни токму од таквите групирања во домашни услови на семејни веселби. Секако дека уставно загарантираното право за неповредливост на домот останува и тука не може да делува полицијата. Меѓутоа, многу е поважно да разбереме, дека групирањето, прославите во домашни услови, претставува најголем ризик. Токму поради тоа, треба да се преземаат некакви мерки, рече министерот Спасовски.

Спасовски за новите мерки: Полицијата нема да влегува во домови, ќе реагира само на пријави

Тој појасни дека доколку постои некаква пријава, полицијата ќе треба да се делува, меѓутоа со запазување на уставните начела кои ја гарантираат неповредливоста на домот.

– Таквите активности ќе мора да ги спроведуваме во соработка со јавното обвинителство, заеднички, се со цел да оневозможиме или да ја намалиме можноста за ширење на коронавирусот, истакна Спасовски.

Од направените 2140 тестирања вчера, регистрирани беа 364 нови случаи на Ковид. Има промени и во симптоматологијата на вирусот.

Филипче: 364 новозаразени пациенти, капацитетот во некои болници е скоро исполнет (ВИДЕО)

Така, на почетокот како симптоми на коронавирусот беа препознаени сувата кашлица и зголемената температура, како и пневмонијата, а подоцна беа откриени и други симптоми – губење на сетилото за вкус и мирис, осип на телото.

Научниците сега дојдоа и до нови откритија, кои би можеле да бидат од помош во раното препознавање на овој вирус.

Експертите од Кралскиот колеџ во Лондон утврдија дека главоболката и заморот многу често се појавуваат како рани симптоми на ковид-19.

– Нашите податоци покажуваат дека најчестите рани симптоми на коронавирус се главоболката во 82 отсто и заморот во 72 отсто, и тоа во сите возрасни групи. Само девет отсто од заразените на возраст меѓу 18 и 65 години не ги пријавиле овие симптоми – соопштиле експертите. Тие, меѓутоа, предупредуваат дека, ако некое лице ги има само овие два симптома „тоа не мора да значи дека станува збор за коронавирусот“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот