Приватниците се жалат од камерите, возачите од ЈСП си молчат, автобусите доцнат
Кој е виновен за непочитување на возниот ред – недоволниот број автобуси или системот „Безбеден град“?
Откако стартуваше системот „Безбеден град“, сообраќајот по булеварите и улиците каде што се поставени камери се одвива мирно и бавно. Сите возачи се обидуваат да ја почитуваат дозволената брзина и да не прават грешки чија последица се високи казни, а истото важи и за јавниот градски превоз.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Сите граѓани што секојдневно се возат со автобус забележуваат дека и возачите во јавниот превоз се повнимателни отколку порано, дека не забрзуваат на семафор и не минуваат повеќе на жолто светло, затоа што казните директно нив ги удираат по џебот. Но, сето тоа резултира со непочитување на возниот ред затоа што со новиот систем за безбедност не може да се извози предвидената маршрута, а да не се направи прекршок.
Сега штом трепне зеленото светло, автобусот застанува, не се „залетуваат“ како порано да поминат на жолто, па дури и некогаш на црвено. Побавно возат, побезбедни се патниците, но затоа максимално доцнат. Таман се пофалија дека ги ажурирале информативните дисплеи со реалниот возен ред и сега пак не е како што е прикажано. Па, така, повторно чекаме по половина час автобус и искрено, веќе не ни погледнувам на таблата зашто автобусот не доаѓа како што пишува – вели Горан П.
И навистина, ЈСП „Скопје“ по долготрајни реакции и жалби на патниците на пет дена пред стартот на „Безбеден град“, информираше дека инфо-дисплеите поставени на автобуските постојки, наменети за прикажување точни информации за времето на пристигнување на автобусите, се ажурирани според најновата софтверска верзија со која располагаме.
Сега, оттаму нема никаква реакција и објаснување зошто возачите не успеваат да го почитуваат возниот ред. Но, реакција стигна од приватните превозници, кои се пожалија дека поради сообраќајниот метеж, автобусите тешко се движат низ градот, особено поради тоа што нема посебни ленти по кои би се движеле само возилата од градскиот превоз. Тие велат и дека поради должината на возилото не можат навреме да поминат и кога семафорот трепка зелено, па добиваат казни од по 250 евра, па дури и одземање на возачката дозвола.
Според Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници во Град Скопје, доколку повеќе возачи добијат ваква казна во една седмица, јавниот превоз ќе колабира, затоа што немаат замена и ќе нема кој да ги вози автобусите. Затоа тие бараат автобусите да се вметнат во посебна категорија и за нив да има посебен праг на толеранција, но и нивниот ГПС-уред да се поврзе со семафорите, за да бидат дел од „паметниот“ зелен бран.
Повеќе од очигледно е дека и возачите на ЈСП го имаат истиот проблем, особено по одлуката дека евентуалните казни, ќе си ги плаќаат од сопствениот џеб. Но нивниот глас не се слуша, затоа што не смеат јавно да се пожалат, а вообичаено од ЈСП „Скопје“ и сега, иако се промени раководството, не се промени навиката да не ѝ одговараат на јавноста, освен да се праќаат соопштенија кога тие сакаат нешто да кажат.
Не 80, туку 100 автобуси ќе добие Скопје, само уште да се знае кога
Она што уште повеќе изненадува е што нема никаква реакција ниту од синдикатите на ЈСП, чија обврска е да ги штитат правата на вработените, особено на возачите.
И покрај нашите обиди, досега неодговорени останаа прашањата упатени до првиот човек на Синдикатот на вработените во ЈСП, Миќо Стојановски, за тоа дали поради воведувањето на „Безбеден град“ автобусите не можат да го почитуваат возниот ред и дали некој од возачите е „уловен“ од камерите и казнет во изминатиот период. Нема одговор ни на прашањето дали Синдикатот има некакви барања за овие проблеми, по примерот на приватните превозници.
Секако дека камерите на крстосниците им наметнаа на возачите на автобусите да ги почитуваат правилата како и другите учесници во сообраќајот за да не заработат казни. Од друга страна, она што треба да е одлика на современ и функционален јавен превоз со кој би се поттикнале граѓаните да ги остават сопствените возила паркирани е да има доволно автобуси, да се почитува возниот ред и автобускиот сообраќај да се одвива брзо и ефикасно, а не со „тргни – застани“.
Во сегашниве услови тоа е невозможно и за тоа не е причина „Безбеден град“, туку неорганизираниот јавен превоз, чии автобуси, покрај сите други проблеми, немаат ни посебни ленти за движење. Тоа пред десетина години се обиде да го воведе тогашниот градоначалник Коце Трајановски, со монтирање жолти гумени пречки, со кои се издвои десната лента на булеварите само за автобуси.
Проектот брзо пропадна, пречките се уништија затоа што никој не се ангажираше да ги казнува другите учесници во сообраќајот, кои не можеше да ги спречи никаква гумена пречка – освен можеби високи глоби.


