Градски двокатни ЈСП автобуси на Рекорд / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Не 80, туку 100 автобуси ќе добие Скопје, само уште да се знае кога

На скопјани веќе им е смачено од состојбата со која секојдневно се соочуваат во јавниот превоз. Особено што помина доста време откако беше првпат најавена намерата на Владата за набавка на автобуси, а нив сѐ уште ги нема.

Осумдесетте електрични автобуси за Скопје што ги најави премиерот Христијан Мицкоски уште во ноември 2024 година, станаа 100, но кога тие ќе пристигнат на улиците на главниот град е прашање на кое очигледно никој не може да даде одговор.

На вчерашната седница посветена на пратенички прашања, Мицкоски обелодени дека е зголемен бројот на автобуси што Владата планира да ги набави одговарајќи на прашање на пратеничката од неговата партија Биљана Кузмановска, околу плановите во врска со автобусите, неопходни за нефункционален градски превоз во Скопје.

Премиерот информира дека се обезбедени средства за 150 електрични автобуси наменети за Скопје и за општините со организиран јавен превоз.

Град Скопје побара 250, ќе добие 100, а останатите општини побараа 98, ќе добијат 50, а на секои два автобуса има предвидено еден полнач – рече Мицкоски.

Според него, овој проект заедно со другите какви што се Градски воз, чијашто прва делница сега се прави, потоа БРТ-системот и проектите во делот на гасификацијата, драстично ќе го намали аерозагадувањето. Како што рече, постапката е почната, но притоа повторно не прецизираше кога овие автобуси ќе пристигнат и ќе се вклучат во јавниот градски превоз.

Постапката е веќе почната, средствата ќе ги обезбедиме од влада со влада стратешкото партнерство со Унгарија, во најголем дел, а помал дел обезбедени од Буџетот под услови еднакво добри како што претходно беше и оној прв договор за кредитно задолжување со Унгарија – потенцираше премиерот Мицкоски.

Автобуси нема, ама барем ЈСП ги ажурираше дисплеите по постојките

Премиерот објасни дека условите се исти како и со претходниот заем, што значи – три години грејс-период, каматна стапка од 3,25% минимум за останатиот период до 15 години отплата во рамките на стратешкото партнерство со унгарската влада.

Тој соопшти дека следува процедурата за набавка на електричните автобуси, чие одржување потоа ќе донесе и „драматично“ намалување на оперативните трошоци.

Ако се спореди со автобуси што се со погон на дизел-гориво и на бензин, тогаш овие електричните ќе имаат многу поекономично одржување за време на нивното одржување – рече Мицкоски.

По неговото излагање, Кузмановска, како што е „ред“, ја пофали Владата затоа што планираната набавка на автобуси и распределбата по општини се дел од „плански, фазен и системски пристап заснован на објективни критериуми и јасна динамика“ што, според неа, ја зајакнува довербата дека Владата носи одлуки во интерес на граѓаните.

Но, на скопјани веќе им е смачено од состојбата со која секојдневно се соочуваат во јавниот превоз. Особено што помина доста време откако беше првпат најавена намерата на Владата за набавка на автобуси, а нив сѐ уште ги нема.

Премиерот Мицкоски во ноември 2024 година соопшти дека очекува до следната летна или есенска сезона, значи во 2025 година, во земјава да има нови 100 до 120 електрични автобуси што ќе сообраќаат во јавниот градски превоз во градовите што имаат организирано таков превоз. Електричните автобуси за јавниот градски превоз, како што рече тогаш, ќе се набавуваат на тендер што требаше да се распише до крајот на 2024 година.

Тоа не се случи во најавениот рок, па во април 2025 година Владата на седница усвои информација за потребата од набавка на еколошки автобуси за јавен превоз за Скопје и за други општини, а премиерот појасни дека станува збор за донесена одлука за отпочнување постапка за набавка на 120 автобуси, од кои 80 ќе бидат за ЈСП „Скопје“.

Сè уште нема нов тендер за автобуси, избледе надежта дека ќе се нормализира јавниот превоз

Во јуни минатата година Министерството за транспорт конечно го објави тендерот за набавка на автобусите, но очекувањата на граѓаните се „издишаа како балон“ кога еден месец подоцна оттаму соопштија дека тендерот е поништен откако надлежната комисија утврдила дека единствената пријавена компанија не ги исполнува условите од објавениот повик.

На јавниот повик што беше објавен на 17 јуни со краен рок за доставување на понудите 24 јули 2025 година, само една компанија достави понуда. По извршената евалуација, Комисијата надлежна за спроведување на јавната набавка утврди дека компанијата не ги исполнува критериумите во согласност со објавениот јавен повик. Министерството за транспорт во следниот период ќе направи дополнителни анализи околу набавката на електрични еколошки автобуси и ќе ја информира јавноста – беше наведено во соопштението од Министерството за транспорт.

Оттогаш досега не се спомнува нов тендер. На последното прашање од „Слободен печат“ кога ќе биде повторно распишан и до каде е постапката, оттаму стигна одговор што не кажуваше буквално ништо.

Ве информираме дека во моментов се прават финални подготовки за најдобар модел за решавање на градскиот превоз. Како Влада сериозно сме посветени на решавање на оваа состојба и континуирано и активно работиме на реализација на сите ветени проекти за граѓаните, за што навремено и транспарентно ќе ја информираме јавноста – одговорија од Владата.

Информациите што Мицкоски ги соопшти на последната собраниска седница, говорат дека нема да се исполнат ни очекувањата што ги најави пред Нова година градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој најпрво рече дека автобусите се очекуваат во март, за неколку денови подоцна да се „поправи“, па рече дека треба да пристигнат во првата половина на оваа година.

Со сѐ уште необјавена јавна набавка, тешко дека скопјани ќе дочекаат обновен јавен превоз до крајот на 2026 година, бидејќи и набрзо да се распише новиот тендер, речиси е неверојатно да се очекува дека кој било производител на „лагер“ има 150 готови електрични автобуси, кои веднаш би ги испорачал во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот