Фото: Слободен печат

Сè уште нема нов тендер за автобуси, избледе надежта дека ќе се нормализира јавниот превоз

Од Владата избегнуваат прецизно да одговорат кога ќе се распише нова јавна набавка откако претходниот обид не успеа и кога реално би можело јавниот превоз да биде зајакнат со 80 нови автобуси. Но, повторно тврдат дека работат на реализација на сите проекти што им ги ветиле на граѓаните.

Скопјани и оваа зима мрзнат по станиците чекајќи автобус за да стигнат на работа и да се вратат дома или да завршат некоја друга обврска. Состојбата со градскиот превоз е сѐ полоша и без очекувања дека набрзо нешто ќе се промени, особено што од многуте најави и ветувања во изминативе години досега ништо не се реализираше.

Автобусите се стари, возниот ред е максимално проретчен и ретко се почитува затоа што реално недостигаат стотина автобуси за јавниот превоз да функционира нормално. Во овој период, пак, тие возат по уште поредуциран возен ред затоа што учениците се на зимски распуст, што дополнително им го отежнува движењето низ Скопје на вработените граѓани.

Полека бледее и надежта дека наскоро главниот град ќе добие нови 80 автобуси, кои уште пред година и пол ги најави Владата. Според последните информации, наскоро секако нема да ги има, иако градоначалникот Орце Ѓорѓиевски неодамна рече дека се очекуваат во март, а во следната изјава се коригира, па рече дека треба да пристигнат во првата половина на оваа година.

Од Владата, пак, избегнуваат прецизно да одговорат кога ќе се распише нов тендер за набавка откако претходниот не успеа и кога реално би можело јавниот превоз да биде зајакнат со 80 нови автобуси. Но, повторно тврдат дека работат на реализација на сите проекти што им ги ветиле на граѓаните.

Сепак, активностите околу набавката очигледно два месеца не се мрднати ни чекор нанапред.

 Владата разгледува најдобар модел за решавање на градскиот превоз

Во ноември оттаму ни одговорија дека „надлежните институции ги разгледуваат сите можни опции“ и дека „како Влада континуирано и активно работиме на реализација на сите ветени проекти“.

Речиси идентично објаснување пристигна и сега.

Ве информираме дека во моментов се прават финални подготовки за најдобар модел за решавање на градскиот превоз. Како Влада сериозно сме посветени на решавање на оваа состојба и континуирано и активно работиме на реализација на сите ветени проекти за граѓаните, за што навремено и транспарентно ќе ја информираме јавноста – одговорија од Владата, не споменувајќи ја набавката на нови автобуси, иако прашањето од „Слободен печат“ беше токму за тоа.

Јавниот превоз катастрофа, но на ЈСП ќе му „капнат“ 664 милиони денари од градската каса

Првиот тендер за нови автобуси беше објавен минатото лето и поништен затоа што се пријавила само една компанија што не ги исполнила критериумите посочени во јавниот повик.

По извршената евалуација, Комисијата надлежна за спроведување на јавната набавка утврди дека компанијата не ги исполнува критериумите во согласност со објавениот јавен повик. Министерството за транспорт во следниот период ќе направи дополнителни анализи околу набавката на електрични еколошки автобуси и ќе ја информира јавноста – соопштија од Министерството за транспорт, кое го спроведе јавниот повик.

Шест месеци подоцна, тендерот повеќе никој официјално не го споменува.

Долгот на ЈСП кон приватните превозници е околу 200 милиони денари

Од друга страна, не е докрај расчистена ни ситуацијата со приватните превозници во однос на неисплатените обврски што кон нив ги има ЈСП „Скопје“.

Во моментов, како што велат, ЈСП им должи околу 200 милиони денари, односно околу три милиони евра.

Не ни се исплатени уште околу седум месеци, долгот е мислам околу 200 милиони денари. Деновиве имаше некоја исплата, но сѐ уште долгот е голем, но според најавите очекуваме во наредниот период постепено да се исплати. Возиме редовно на линиите по кои сообраќаме, тоа се 19, 20, 22, 52 и 54, без редуцирање по вообичаен возен ред – велат од „Радос компани“, една од трите групации приватни превозници што се дел од јавниот превоз во Скопје.

Сепак, и покрај нивното тврдење, граѓаните што редовно користат автобуски превоз не мислат така. Покрај забелешките за автобусите на ЈСП, големи се реакциите и за приватните превозници, особено во однос на нередовното сообраќање. Граѓаните тврдат дека возат само по три часа претпладне и попладне, а дека ретко наидува приватен автобус во „шпицовите“ на сообраќај.

Ние во Шутка сме заборавени со автобусите. Многу ретко има и 19 и 20, ако на возниот ред пишува дека има две во рок од половина час, поминува само една и едвај наутро стигнуваме на работа. Наутро е сепак подобро, на враќање е уште полошо, па или користиме такси или автобуси 61 и 71, кои се поредовни, ги има на половина час – вели жителка на Шуто Оризари.

Тешко оди набавката на нови автобуси, а старите се веќе на „издишување“

Некои од возачите на приватните автобуси со кои поразговаравме исто така тврдат дека ретко добиваат пари, а и кога има некоја исплата, треба самите да решат дали со тие пари да стават нафта или да ги однесат дома за да го прехранат семејството. Затоа, како што велат, избегнуваат да возат во часовите кога сообраќајниот метеж е најголем.

Во меѓувреме, нема никакви податоци, иако градоначалникот Ѓорѓиевски во предизборната кампања најавуваше транспарентно и навремено информирање на јавноста, дали ќе започне реализација на проектот за брз автобуски превоз. Останува да се надеваме дека информацијата дека Владата ги прави „финалните подготовки за најдобар модел за решавање на градскиот превоз“ го вклучува и овој проект.

Но, во блиска иднина на скопјани им преостанува да функционираат како досега – наоружени со безгранично трпение и со топла облека по најмалку половина час да го чекаат автобусот во саканата насока.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот