Јсп / илустрација /Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Јавниот превоз катастрофа, но на ЈСП ќе му „капнат“ 664 милиони денари од градската каса

Јавниот превоз во Скопје и понатаму секојдневно им создава нервози на граѓаните кои се принудени да го користат, затоа што е неефикасен и застарен и со недоволен број автобуси.

Сепак, забелешките и постојаните реакции на скопјани не го спречуваат Град Скопје секоја година да издвојува огромни субвенции од градскиот буџет за ова претпријатие, меѓу останатото за да му ги олесни проблемите во работењето, односно за исплата на плати на вработените. Граѓаните досега не почувствуваа дека милионските субвенции влијаат на подобрување на квалитетот на услугите во јавниот превоз.

Годинава ЈСП од Градот ќе добие 664 милиони денари за 2026 година, поточно речиси 11 милиони евра. Од нив 200 милиони денари се наменети за бесплатен превоз на пензионери во вторник, петок, сабота и недела и за бесплатен превоз на редовни студенти на државните универзитети. За функционирање на АЛВ и системот за интелегентна наплата се наменети 60 милиони денари, 4 милиони за поставување настрешници на автобуските постојки и дури 400 милиони за потешкотии во работењето.

ЈСП доби уште 150 милиони денари субвенции за вработените да се „мирни“ до крај на годината

Судејќи по праксата од изминативе години 2026-та нема да заврши со овој износ на субвенции за ЈСП, па веројатно со ребалансот ќе добијат уште. Минатата година, на пример, во декември советниците изгласаа рекордни 801,5 милиони денари, речиси 13 милиони евра субвенции за 2025 година, а летово сумата беше дополнета со уште 150 милиони денари. Дополнителните субвенции беа доделени за вработените да бидат „мирни“ со плати до крајот на оваа година.

Оваа одлука за парите кои ќе се излеат од градскиот буџет за наредната година во касата на ЈСП, советниците треба да ја донесат на седницата која ќе се одржи в четврток, што несомнено ќе се случи затоа што мнозинството во Советот го има ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а предлогот доаѓа од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Покрај субвенции за ЈСП, Град Скопје ќе додели субвенции и за неколку други јавни претпријатија, за кои исто така ќе се изјаснат советниците на наредната седница.
За нив се предвидени речиси незначителни суми споредено со ЈСП. Па така, ЈП „Лајка“ ќе добие 15 милиони денари, ЈП „Дрисла“ 10 милиони, а 20 милиони денари се предвидени за ЈП „Паркови и зеленило“.

За сите нив, образложението до советниците зошто се даваат субвенциите е идентично – тешкотии во работењето.

Средствата за оваа намена ќе се обезбедат од Буџетот на Град Скопје за 2026 година, преку ставката наменета за потешкотии во работењето, од причина што јавното претпријатие се наоѓа во незавидна економска состојба, па согласно на тоа овие средства ќе допринесат за извесна материјална консолидација на јавното претпријатие, се вели во образложението на предложената одлука..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот