Притворените Хрвати за убиството на навивачот се распоредуваат низ грчките затвори каде нема многу Срби за да се спречат судири меѓу затворениците

фото: EPA-EFE/GEORGE VITSARAS

Во Грција почнаа трансферите на притворените хрватските хулигани осомничени за крвавите инциденти во Неа Филаделфија, кога беше убиен 29-годишниот навивач на грчки АЕК, Михалис Кацурис.

Вчера утро беа префрлени околу 70 притвореници од вкупно 105, а трансферот на останатите продолжува. Станува збор за голем број лица кои треба да бидат внимателно распоредени во притворските одделенија низ Грција. Трансферите на останатите ќе продолжат во среда и четврток.

Поточно, 8 се веќе во затворите Коридалос, 12 требаше да бидат испратени во затворите во Авлона, а останатите ќе бидат распределени во Трикала, Лариса, Волос, Нигрита, Комотини, Маландрино, Амфиса, Домокос, Ханија, Хиос, Гревена, Нафплио, Кос и Солунските затвори, во зависност од капацитетот на секој затвор.

Загриженоста на грчките власти е во правец на тоа дали ќе има доволно обезбедување за затворениците, поради што Генералниот секретаријат за антикриминална политика стапи во контакт со управите на сите притвори кои презедоа мерки за безбедно задржување на притворените лица.

„Главоболката“ на казнено-поправните установи е во затворите каде има многу Срби, кои имаат омраза кон хрватските хулигани, но и за физичкиот интегритет на Грците и другите затвореници, па се дадени наредби и се внимаваше таму тие да немаат контакти коишто би можеле да доведат до судири. Изготвени се и планови за зголемени мерки и надзор во сите затвори, како и подготвеност од локалните полициски власти за брза интервенција доколку е потребно, пишува Прототема.

Онаму каде што е можно притворениците да се чуваат во посебни одделенија, тоа ќе се направи. Па така 8-те кои беа префрлени во Коридалос се чуваат во специјалното одделение, за да немаат контакт со други затвореници.

Реакција на хрватскиот претседател Милановиќ

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, излезе со нови провокативни изјави и се обидува да интервенира во грчкиот правосуден систем во врска со хрватските хулигани на кои им е одреден притвор за убиството на Михалис Кацурис, пишуваат грчките весници.

Хрватскиот претседател тврди дека грчките власти ги третираат навивачите на Динамо Загреб како да се воени заробеници и дека таквиот став нема никаква врска со правото, демократијата и почитувањето на човековите права.

„Законот не се почитува. Тие ги третираат овие луѓе како воени затвореници. Да бев премиер, ќе размислев што можам да направам. Не е едноставно. Изгледа како воена зона. Тие се третирани како заробена воена единица. Можам да ги наведам причините, зошто тоа се случи и зошто конкретно во Грција и што Грција може да добие од УЕФА и зошто е важно да ја пренесат одговорноста на 100-те Хрвати. Колку Грци се уапсени?“, прашува Милановиќ.

„Имавте пет дена да ги пронајдете штетниците од група луѓе и сите ги уапсивте, ги расфрлате низ цела Грција, за да бидат удирани и малтретирани. Совршено, ова е Европската Унија“, додаде хрватскиот претседател.

„Не можете да држите 100 луѓе во затвор пет дена. Овие пет дена ви даваат можност да дознаете што се случило, а освен тоа тие се луѓе и нашите граѓани имаат човекови права. Но, хрватските навивачи во Грција ги третираат како штетници. Тоа нема никаква врска со демократијата и почитувањето на човековите права. Ако ова е Европската унија денес, подобро да ја нема“, остро реагираше Милановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот