Принцот Вилијам откри како им соопштил на децата дека Кејт има рак: „Многу е тешко“
Принцот Вилијам опиша како тој и принцезата Кејт Мидлтон одлучиле да разговараат со своите деца за тешките моменти низ кои поминале во последните две години – меѓу кои и дијагнозите на рак кај Кетрин и кралот Чарлс, пренесува „Дејли Мејл“.
Препорачано
„Одлучивме многу повеќе да разговараме со децата. Главно, криењето на работите од нив едноставно не функционира. Секоја фамилија има свои тешкотии и предизвици. Сè е многу индивидуално и зависи од моментот и од тоа како се справувате со проблемите,“ изјави принцот Вилијам во интервју во Бразил.
Минатата недела принцот за првпат ја посети Латинска Америка по повод петтото доделување на наградата „Earthshot Prize“, признание што самиот го основал и на кое е претседател. Наградата ги слави луѓето со иновативни идеи за решавање на глобалните еколошки проблеми, а победниците во секоја категорија добиваат по еден милион фунти за понатамошен развој на своите проекти.
Во разговорот, принцот Вилијам истакна дека тој и Кетрин се обидуваат да бидат искрени со своите деца.
„Понекогаш имате чувство дека споделувате премногу со децата,“ рече Вилијам, татко на принцот Џорџ (12), принцезата Шарлот (10) и принцот Луис (7).
„Но најчесто, криењето на нешто не помага, па се обидуваме да им објасниме како се чувствуваме, зошто се случува тоа, да им дадеме различни перспективи. Тоа им помага да ја видат пошироката слика и да бидат посмирени, наместо вознемирени и да се прашуваат „што криете?“. Има многу повеќе прашања кога нема одговори,“ додаде тој.
„Секогаш е прашање на рамнотежа, колку да кажеш, што да кажеш, кога да кажеш. Нема прирачник за родителство – едноставно се водиш според чувството,“ искрено рече принцот од Велс.
Принцезата од Велс во јануари откри дека е во ремисија од ракот, додека кралот Чарлс сè уште прима терапија. Во интервјуто, принцот Вилијам изјави и дека нивните деца сè уште немаат дозвола да користат мобилни телефони.
„Многу е тешко. Нашите деца немаат мобилни телефони, но кога Џорџ ќе тргне во средно училиште, можеби ќе има телефон со ограничен пристап. Веќе станува малку напнато, но мислам дека Џорџ разбира зошто. Им објаснуваме зошто сметаме дека тоа не е правилно, проблемот всушност е во пристапот до интернетот. Децата можат да видат премногу работи што не треба“, рече Вилијам и додаде дека тој или Кетрин речиси секојдневно ги возат децата во училиште, шегувајќи се дека е „таксист“.


