Предлози на туристичкиот водич Весна Коцевска – три дестинации во Македонија што треба да ги посетите за празничниот викенд
Продолжениот викенд за Велигден е идеална можност за кратко бегство од секојдневието и за посета на места каде што духовноста се спојува со природната убавина.
Препорачано
Во разговор за „Слободен печат“, туристичкиот водич Весна Коцевска издвои три дестинации низ Македонија кои нудат автентично празнично доживување, исполнето со спокоен престој близу манастири и поглед кон прекрасни пејзажи.
Доколку барате инспирација за викенд за вистински да се одморите и да уживате, ова се нејзините препораки што вреди да ги разгледате.
Струга и околината
Не постои листа без Охрид, но овој пат – прошетај до Струга. Велигден во Струга има посебна магија: звукот на камбаните, мирисот на темјан и приказните што те освојуваат.
Започни ја духовната тура со манастир Св. Богородица во Калишта, место што зрачи со спокој, сместено на самиот брег на езерото. Пештерските цркви и погледот кон езерото создаваат прекрасна атмосфера.
Продолжи кон Радожда на ручек на свежа риба и макало, а може да се искачиш над селото и да посетиш уште една пештерска црква, само не заборавај да прашаш за клуч во локалните ресторани. Секоја скала вреди да се искачи за мирот и погледот кон тиркизното езеро како награда.
А ако имаш уште време и сакаш да пешачиш во природа, можно е патување низ времето на кое те носат остатоците од римскиот пат Виа Игнација. Патеката лесно ќе ја најдеш, има табла во селото, а сигурно ќе те насочат и љубезните локалци.
View this post on Instagram
Кратово и Лесново
За нешто поразлично, тргни кон Кратово, еден од нашите најуникатните градови, познат по камените мостови и кули.
На само 15-20 минути од таму се наоѓа Лесновски манастир, вистински скриен бисер. Вграден во карпест пејзаж, со силна духовна историја, ова место остава впечаток што долго се памети.
Во близина се наоѓаат Воденичките пештери, кои се создале со ископување камења за воденици. А претставуваат место кое воодушевува со својата необичност и уникатност. Лесно пристапни за кратка прошетка и прекрасни слики, особено интересно ако одите со деца.
Целиот регион има мистична енергија, комбинација од тишина, историја и природа која те тера да се опуштиш и да уживаш во моментот.
Прошетај низ старите улици на Кратово, откриј ги кулите и мостовите, и дозволи си викенд без брзање, а за ручек изборот е кратовска пастрмајлија.
View this post on Instagram
Берово и Малешевијата
Ако сакаш вистински мир и полнење батерии регионот на Берово е совршен избор. Малешевијата е позната по својата чиста природа, борови шуми и свеж воздух, место кое те враќа во времето и го оживува минатото.
Посетата не е комплетна без некој од беровските манастири Св. Богородица или Архангел Михаил. Ова се места каде навистина ќе ја почувствуваш симболиката на Велигден.
Во близина се наоѓа и Беровското Езеро, а ако сакаш можеш да одиш до Ловниот дом Берово и да се дружиш со срните. Ако сакаш нешто потрадиционално, тука е бачилото. Не заборавај да си купиш сирење, мед или домашен џем.
Идеално за време во природа, прошетка покрај вода или едноставно уживање во тишината.
За ручек најдобар избор се традиционалните клиси, специјалитет од Малешевскиот крај, кој најчесто се подготвува со свинско месо и праз, често печени под вршник, а се служи и со качамак.
Велигден е повеќе од празник, тоа е можност да создадеш спомени со најблиските. Без разлика дали ќе избереш мирна планина, езерска магија или мистичен град, најважно е да го почувствуваш моментот.
Овој продолжен викенд, наместо класичен одмор, избери доживување.


