Интервју со Весна Коцевска, туристички водич: Македонија нуди искуства кои туристите ги паметат цел живот
Патувањата се начин да се поврземе со нови култури и да ја доживееме убавината на светот од поинаков агол. Но, често, токму луѓето што нѐ водат низ тие патувања се оние кои ја прават секоја дестинација посебна. Една од нив е Весна Коцевска – туристички водич со долгогодишно искуство, љубителка на природата, автентичните приказни и скриените убавини на Македонија.
Препорачано
Во интервју за „Слободен печат“, со неа зборувавме за тоа што најмногу ги фасцинира странските туристи, кои локации ги препорачува оваа пролет, но и за предизвиците и потенцијалот на македонскиот туризам.
Весна, како започна вашата приказна како туристички водич? Дали уште од детството сте ја носеле љубовта кон патувањата и запознавањето нови луѓе, или таа љубов се разви со текот на времето?
– Љубовта кон патувањето ја имав уште пред да почнам да патувам, кога ги гледав документарците кои ни раскажуваа за различни дестинации, веќе се замислував на тие места. Исто се замислував како јас ги пренесувам тие искуства и приказни, а сега токму тоа и го правам како туристички водич и на мојот инстаграм-профил „Whisper.ves“.
Реално, изборот да полагам за туристички водич беше сосема случаен, но кога повремено почнав да водам туристи, целосно се пронајдов во таа работа.
Кои места низ Македонија оставаат најголем впечаток кај странските туристи? Што е она што ги воодушевува, а што најчесто ги изненадува кога првпат ја доживуваат земјава?
– Најголем впечаток им оставаат природата и луѓето во Македонија. Тоа ми се потврдило во повеќе наврати, всушност беше дел и од моето истражување за магистерскиот труд, а често го слушам од туристите и ден денес. Воодушевени се од Охрид и Охридското Езеро, трите национални паркови со природните богатства, но и со сѐ побројните активности во нив. Им се допаѓа и храната, особено националната домашна кујна.
Секој дел од Македонија им нуди нешто различно, па изненадени се дека има толку многу различни содржини и не успеваат сѐ да видат или да искусат во текот на еден одмор. Ова е една од причините поради која имаме туристи кои се враќаат и по повеќе пати, а секако за тоа придонесуваат и пристапните цени за странските туристи.
Најинтересни ми се туристите кои се враќаат скоро секоја година, па веќе биле и по десет пати, дваесет пати, некои и повеќе. Тоа се најчесто холандските туристи кои најчесто се сместуваат во истите вили или хотели и веќе се како семејство со сопствениците и персоналот. А тоа е нешто што сѐ поретко се наоѓа на други дестинации.

Пролетта е идеален период за патување. Кои дестинации низ Македонија би ги препорачале сега, кога природата е најжива?
– Пролетта е навистина идеална за патувања, особено да се помине повеќе време на отворено во природа. Посетете некој од бројните водопади како Дуф, Смоларски, Колешински, Габровски итн. Имаме и бројни пештери кои се лесно пристапни, а ќе ви го исполнат викендот, тука би ги издвоила пештерата Пешна, Лесновските воденичарски пештери и пештерата Врело во Матка.
Руралната средина е секогаш добар избор ако сакате да се тргнете од градскиот метеж, а да се реконектирате со природата и со себе. Предлози за посета оваа пролет: Изворот на Црна Река во селото Железнец, пештерските цркви во Радожда и Калишта, Вевчани и Вевчанските извори се секогаш добра идеја, а особено во пролет. Или посетете некое од уникатните места во земјава, како Куклица во Кратовско, опсерваторијата Кокино, Кумановско или Маркови кули, Прилеп.
Има ли некоја незаборавна случка од вашата работа како водич? Нешто што засекогаш ќе ви остане во сеќавање, забавно, емотивно или поучно?
– Во изминативе 14-15 години откако работам како водич има безброј случки, убави и по некоја не толку убава случка. Се случувало да нѐ фати силен дожд и поплавени улици, па да чекаме да се смири ситуацијата. Во други наврати сме пиеле кафе, некој и ракија, во дворот на локалците во рурална средина. Многу случки исполнети со спонтани моменти, многу смеење и непланирана промена на програма.
Интересна случка од пред 12-13 години, на кружна тура низ Македонија се најдовме во Штип и се погоди баш за штипската „Пастрмајлијада“. Од некоја локална телевизија нѐ прашаа дали туристите сакаат да дадат интервју, а јас да преведувам. Еден од повозрасните парови со многу емоции ни раскажа дека се многу среќни што се тука, затоа што пред 40 години токму од Штип го посвоиле својот син. Момент на кој секогаш ќе се сеќавам.
Среќна сум бидејќи туристите секогаш биле задоволни и си заминуваат со спомени кои траат, а Македонија им ја препорачуваат на своите пријатели.

Кои региони или локации во Македонија сметате дека се недоволно промовирани, а заслужуваат многу повеќе внимание од туристите?
– Повеќе делови од Македонија се недоволно испромовирани. На пример Источна Македонија има огромен потенцијал, изобилува со природни убавини, од живописни планини и водопади, до термални извори и пештери. Дополнително, регионот изобилува со значајно културно и духовно наследство, вклучувајќи манастири и археолошки локалитети кои сѐ уште не се доволно истражени или презентирани пред пошироката јавност.
Како ја оценувате моменталната состојба на туризмот во Македонија? Дали се движиме во позитивен правец или сè уште заостануваме зад потенцијалот што го имаме?
– Туризмот во Македонија се наоѓа на интересна пресвртница. Иако бележиме позитивни чекори напред, сѐ уште заостануваме зад вистинскиот туристички потенцијал што го поседуваме како земја.
Од една страна, тоа значи дека имаме уште многу простор за развој, а од друга страна таа „непрепознатливост“ има своја убавина, нѐ прави поавтентични и поатрактивни за оние кои бараат нешто поразлично, подалеку од масовниот туризам.
Она што е важно во овој момент е да се насочиме кон градење на одржлив модел на развој. Наместо да брзаме по квантитет, треба да инвестираме во квалитет, преку поддршка на руралниот, еко и културен туризам. Токму овие форми нудат автентично искуство и можат да ја раскажат приказната на Македонија на привлечен и одржлив начин.
Ако ги искористиме овие потенцијали стратешки и со почит кон природата, културата и локалната заедница, не само што ќе го унапредиме туризмот туку Македонија може да се позиционира како уникатна и автентична дестинација на туристичката мапа.


