Пред историскиот судски процес за Кочани – масовен повик за правда и сомнеж дека вистината ќе биде скриена
Препорачано
Масовен повик за правда испратија родителите на загинатите, но и граѓаните на маршот што се одржа викендов во Скопје, пред историскиот судски процес за најголемата трагедија во поновата историја на Македонија, којашто се случи во Кочани пред осум месеци, кога на 16 март изгоре кочанското кабаре „Пулс“ и кога загинаа 63 млади луѓе, а над 200 уште ги лекуваат тешките изгореници од кобната вечер.
И покрај тоа што Обвинителството поднесе обвинение против 34 лица и три фирми, а идниот месец се очекува обвинение и против 26 полицајци, односно бројката на обвинети ќе биде над 60, семејствата сепак остануваат со сомнеж дека вистината овој пат е скриена.
Тие бараат да се утврди каде се случиле пропустите, кој не реагирал, кои институции задоцниле, па сопругата на еден од пејачите на „ДНК“ кој загина во пожарот, порача дека истражувањата останале нецелосни со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности.
Родителите и блиските на загинатите дел од одговорите очекуваат да ги слушнат на судскиот процес во среда, кога сите очи ќе бидат вперени во новата, голема судница во Идризово и таму на обвинителна клупа ќе седнат сопственикот на дискотеката, проектанти, инспектори, поранешни градоначалници на Кочани, поранешни министри.
Глуви институции
Откако кабарето постоело, никогаш не ги исполнувало законските услови за правење големи забави со пиротехника, но ниту една институција 13 години не го затворила.
Првообвинет за трагедијата е сопственикот на кабарето Дејан Јованов – Деко. Тој и неговиот син Михајло Јованов и двајца членови на „ДНК“ кои загинаа во пожарот, ги внеле пиротехничките средства. Според Обвинителството тие се директни виновници за трагедијата, но се гонат и функционери кои биле на позиции на државни органи кои не реагирале со години на незаконитостите во дискотеката.
Освен синот на Јованов, како дел од сопствеништвото на „Пулс“, обвинет е и неговиот брат кој продавал влезници повеќе отколку што има простор, а дозволувал влез и на деца помлади од 18 години, но и Горан Милковски, сопственик на објектот каде што се наоѓал локалот.
Меѓу обвинетите е и сопственичката на проектантска фирма која уште во 2012 година знаела дека на таа локација не може да има дискотека и дека објектот не ги исполнува условите, а сепак изготвила проект. Не постапувале ниту локалните градежни инспектори кои замижале пред дивиот објект, но и тројца поранешни градоначалници на Кочани, Ратко Димитриевски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов, кои знаеле дека Деталниот урбанистички план за Општина Кочани не дозволувал на таа локација да има кабаре, а сепак на општинската сметка легнувале пари од дискотеката.
Агенцијата пак која ја обезбедувала дискотеката, „Рубикон“, не направила никаква безбедносна проценка, па обвинети се сопственикот Јане Јанчевски и уште четворица обезбедувачи, од кои едниот воопшто немал лиценца за обезбедување. Тие дозволиле влез на малолетници и не спречиле да биде внесена пиротехника.
На обвинителна клупа ќе седнат и ексдиректорите на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу, Аднан Џаферовски, Беким Максути, Џеват Селами, но и инспекторот во оваа институција, затоа што немало инспектор за заштита и спасување во Кочани. Освен од Дирекцијата за заштита и спасување обвинети за трагедијата се и поранешни директори и службеници од Државниот пазарен инспекторат и од Министерството за економија каде што се давало и поткуп за кабарето да добие лиценца, а меѓу познатите имиња е и поранешниот поранешниот министер за економија Крешник Бектеши.
Има докази за еден државен службеник кој постојано ги изготвувал лиценците, а за тоа примал поткуп. Сите обвинети се товарат за едно исто кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, и тоа за ставот кој се однесува на непостапување на службени лица за заштита од несреќи. Односно сите се обвинети дека ја предизвикале смртта на младите луѓе и тоа е она што постојано го проблематизираше експертската јавност.
Јавна претстава или судење?
Коалицијата „Сите за правично судење“ во својата анализа за трагедијата предупреди дека институциите ризикуваат да ја преминат линијата меѓу вистинската одговорност и јавната претстава, односно поради задоволување на јавната жед за крв под наплив на емоции, системот удира по самарот, бидејќи не може по магарето.
– Дури и ако клубот работел незаконски со години, пожарот и смртта не беа предизвикани од самото постоење на клубот, туку беа предизвикани од одлуки и дејствија преземени таа конкретна вечер. Да се тврди спротивното значи да се прескокне причинско-последичната врска и да се припише смртта не на она што реално се случило, туку на дејствија што се случиле неколку години претходно. Во кривичното право постои одговорност само кога постои јасна и предвидлива причинско-последична врска меѓу дејството и последицата, односно само ако штетата е логична и очекувана последица од тоа што лицето го сторило – се вели во анализата.
Новите осомничени функционери ќе се гонат со стари „поблаги“ санкции
Сржта на проблемот оттаму ја лоцираат во тоа што системот не ги санкционирал навреме виновниците за корупцијата, но и во скандалозните измени на Кривичниот законик, кој власта уште го нема сменето.
– Она што е уште позагрижувачко е причината зошто Обвинителството воопшто не поднесе обвиненија за корупција, иако во јавноста веќе беа споделени информации за случаи на поткуп, фалсификувани дозволи, пропуштање надзор, несовесно вршење на службата и злоупотреба на службената положба. Одговорот лежи во измените на Кривичниот законик од 2023 година, со кои беа намалени казните за коруптивни кривични дела, а со тоа беа и скратени роковите на застарување. Голем дел од потенцијалните дела веќе се застарени, не затоа што не постоела вина, туку затоа што државата доцнеше со постапување и затоа што државата сосема погрешно одлучи дека високата корупција не треба да се гони со високи казни и долги рокови на застареност. Поради ова, за да се надомести пропустот, Обвинителството се обидува да ги смести истите дејствија под друго кривично дело – тешки дела против општата сигурност – иако не постои директна правна врска помеѓу, на пример, поткупот за добивање дозвола за работа и смртта предизвикана од пиротехника во 2025 година – анализираат од Коалицијата.
Тие ја споредуваат правната квалификација со „брана што попушта“ – структура ослабена поради повеќе години негрижа и корупција, што на крајот се урива под притисокот на водата. Но, оваа аналогија, според Коалицијата, колку и да е сликовита, не го одразува реалниот правен контекст на пожарот во Кочани, бидејќи трагедијата не настанала постепено, туку од несоодветна употреба на пиротехника во затворен простор, без соодветни услови за нејзино користење.


