ФОТО/ВИДЕО | „Не е ова живот, туку трагедија“: Родителите на загинатите деца од Кочани го предводат „Маршот за ангелите“ во Скопје
„Не сакаме милост, туку вистина и правда. Болката е наша, но борбата е за сите. Ни треба вашата поддршка“, порачаа родителите од маршот на кој присуствуваат стотици граѓани.
Со транспарент и со фотографии од 63-та загинати во пожарот во кабарето „Пулс“, родителите од Кочани денеска предводат протестен марш во Скопје кој започна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“.
Препорачано


Маршот е мирен, а маршрутата опфаќа движење од плоштад „Македонија“, покрај Собранието, до Основниот кривичен суд – Скопје.


„Доста беше смрт“; Колку животи треба да згаснат за вие да се разбидите“; 63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“; „Колку детски животи треба да згаснат за вие да се разбудите?!“, се дел од транспарентите со кои маршираат учесниците.

Ова е прв марш во главниот град организиран од граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“, по саботните собири што ги организираа родителите во Кочани.

„Не сакаме милост, туку вистина и правда. Болката е наша, но борбата е за сите. Ни треба вашата поддршка“, е нивната порака која силно одекнува пред Собранието.
„Не е ова живот, ова е трагедија. Правда за Кочани. Пратениците не поминаа 99 километри до Кочани туку си зедоа 2 недели одмор“, извикуваат граѓаните кои во голем број се собрани пред Собранието.
Судењето за случајот е закажано за четири дена, на 19 ноември. Според обвинението, 34 физички и 3 правни лица се обвинети за тешки кривични дела против јавната безбедност.



