Празничен пијалак со богата традиција: Рецепт за божиќен пунч
Божиќниот пунч е ароматичен празничен напиток кој се пие за време на божиќните и новогодишните празници ширум светот. Неговото потекло води од Индија од 17. век, од каде што подоцна се проширил во Англија и во други делови на светот, пишува „Пун куфер“.
Препорачано
Се претпоставува дека името пунч (анг. punch) потекнува од индискиот збор „paanch“, што значи „пет“, а се однесува на петте основни состојки што традиционално мора да ги содржи: алкохол, шеќер, лимон (или друго цитрусно овошје), вода и зачини.
Бидејќи божиќните пунчеви на северната хемисфера се консумирале во текот на зимските месеци, првично се служеле загреани и најчесто се подготвувале на база на вино или ракија.
Со текот на времето, традицијата на пиење божиќен пунч се проширила низ целиот свет и почнала да вклучува различни видови алкохол – од рум и џин, па сè до текила. Овие пијалаци се мешале со овошни сокови и свежо овошје како лимони и портокали, се засладувале со шеќер или мед и се ароматизирале со цимет, каранфилче и ѕвездест анасон.
Божиќниот пунч добива уникатни комбинации на состојки во зависност од регионот каде што се служи. Во Германија, на пример, се пие „Feuerzangenbowle“ – вид пунч што комбинира варено вино, рум и карамелизиран шеќер. Во Мексико е популарен „Ponche Navideño“, со јаболко, круша, гуава, шеќерна трска и текила.
Денес ви носиме интернационална празнична верзија на база на џин, пелинковец и пенливо вино, која се служи ладна, со коцки мраз од голем сад, а е збогатена со ѓумбир и цитрусно овошје.
Потребни состојки:
- 1 л сок од јаболко
- 750 мл пенливо вино
- 250 мл џин
- 50 мл пелинковец
- 2 лажици мед
- 1 помало парче свеж ѓумбир
- 1 портокал
- грозје
- клементини
- рузмарин
Подготовка:
Измијте го грозјето, одделете ги зрната од гранките, исушете ги и ставете ги во замрзнувач преку ноќ за да се замрзнат.
Следниот ден, во голем стаклен сад измешајте ги џинот, пелинковецот, добро изладениот сок од јаболко и пенливото вино. Засладете со мед.
Во течноста додадете тенко исечени парчиња свеж ѓумбир, кругчиња портокал и клементини, како и гранчиња рузмарин по желба.
На крај додадете го и замрзнатото грозје – тоа ќе послужи како „коцки мраз“ во пијалакот.
Наздравје и убави празници!


