Пратениците добија најниска европска оценка

Фото: принтскрин

Најголемата забелешка во најновиот извештај за подготвеноста на Македонија за членство во ЕУ е упатена кон Собранието, со критики за недоволното носење закони, премногу зачестеното користење на скратената постапка под европско знаменце, како и премалата употреба на институтот пратенички прашања.

Закочената работа на Собранието е меѓу главните забелешки во најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија и за нејзината подготвеност да ги преземе обврските за членство во ЕУ, каде што се нотирани забелешките за недоволно носење закони, премногу зачестеното користење на скратената постапка под европско знаменце, како и премалата употреба на институтот пратенички прашања, а токму овие забелешки вчера беа во фокусот на владејачката СДСМ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. За СДСМ опозицијата и нејзината „активна блолада“ е виновна што законодавниот дом е неефикасен, а од ВМРО-ДПМНЕ велат дека и ЕК го препознала самоволието на спикерот Талат Џафери.

Според вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, анализата на Извештајот покажува дека земјата има одржливи реформи и препознаен напредок, а според меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски, документот ја покажува системската негрижа на Владата за спроведување на реформите во општеството.

Собранието доцни поради блокадите на опозицијата

Маричиќ вчера истакна дека функцијата на Собранието е многу важен елемент од темата „Функционирање на демократските институции“, што постојано се наведува во европските извештаи, но сега сето тоа се издигнало на ниво на една од клучните три теми за кои ќе се прави патоказ за реформи.

– Законите во Собранието не се носат на сила, туку со мнозинство. Ние како владејачко мнозинство секогаш се обидуваме да се почитуваат процедурите и да има доволно простор и за дискусија и за предлози и тоа го покажавме преку прифаќање одредени амандмани од опозицијата за некои предложени закони. Сепак, не можам да се согласам дека вината е на Владата, доколку пратеници од опозицијата решат да одолговлекуваат со избор на уставни судии, што никогаш во историјата не се случило. Во Извештајот има јасна критика за доцнење при носењето на законите за што причина се блокадите од опозицијата – рече Маричиќ.

Вицепремиерот рече дека, како главен преговарач, ќе држи подадена рака, особено кон Националниот совет за евроинтеграции со кој претседава опозицијата. Потребно е, додаде тој, заедно со Националниот совет да дефинираат дали ова тело ќе има иста или поголема улога во преговорите со ЕУ, како и да ја договорат реформската агенда што Владата ќе ја предложи по усвојувањето на Извештајот.

– Заедно да ги утврдиме мерките врз база на наодите и тие мерки кога ќе се усвојат, да течат без блокади и таму каде што е можно и со поддршка од опозицијата. Потребен е одговорен пристап во интерес на државата и да не трпи европската агенда поради партиските разлики, што се отсликуваат во Собранието – рече Маричиќ.

На заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир, вицепремиерот оцени дека Македонија, како земја што преговара за полноправно членство и е во процес на скрининг, доби позитивен годишен извештај на Европската комисија, прв по отворањето на преговорите во јули годинава. Гир во своето обраќање посочи дека е потребен напор од сите политички партии за да се засили улогата на Собранието.

Владата ја преспа 2022 година

Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Извештајот не е позитивен и покажува дека кај Владата нема сериозна и суштинска посветеност на реформи.

– Недостигаат одлучни чекори за да се изгради моментум и да се продолжи процесот на преговори со ЕУ. Владата прибегнува кон ад хок иницијативи, кои ги заменуваат системските реформски пристапи. Ако ги погледнеме шесте клучни кластери, ќе забележиме дека Македонија нема подобра оценка од претходните години во ниту еден. Во секој од кластерите државата се смета како умерено подготвена, што е иста оценка со годините претходно. Огромен проблем е што ЕК наведува дека нема никаков напредок во спроведување на нејзините препораки од претходниот извештај за реформата на јавната администрација, градење на конкуренција на пазарот, слободното движење на стоки и работници, како и правото на интелектуална сопственост. Ова значи дека Владата воопшто не ги земала предвид препораките на Европската комисија – рече Андоновски.

Тој додаде и дека во Извештајот е забележано криењето на власта од опозицијата и од граѓаните, односно повеќемесечното незакажување собраниски седници за пратенички прашања, што се рашири од пред локалните избори во 2021 година, па сè до април 2022 година.

– Најголемата болка на оваа Влада во Собранието е исто така забележана во европскиот извештај. Законите со лажно европско знаменце со кои сомнителни законски решенија се обидуваат да се протуркаат низ Собранието, а тие продолжуваат да бидат проблем и за ЕУ. Според Извештајот, донесени се вкупно 81 закон по скратена постапка. Затоа ЕК ја споменува злоупотребата на европското знаменце во носење на законите по кратка постапка. Според ЕК, овие закони треба да бидат значително ограничени бидејќи ги намалуваат можностите за инклузивни законодавни процеси и значајни дебати – посочи Андоновски.

Извештајот ни открива многу мани

Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2022 година е „добро ниво на подготвеност“. Со реакција за Извештајот вчера се јави и Либерално-демократската партија, која го поздрави позитивниот тон во документот. „Она што е важно е дека имаме зголемено ниво на подготвеност за преземање на обврските за членство во поглавјето за заедничката надворешна безбедносна политика со ЕУ. Голем напредок е што еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји презентирајќи го извештајот, кажа дека Северна Македонија го отпочна преговарачкиот процес со првата политичка меѓувладина конференција што одамна требаше да се случи и оти ова е пробив за земјата“, соопшти ЛДП.

Оттаму додаваат дека се потребни заеднички и брзи напори од сите партии, со цел да се даде приоритет на зајакнатата улога на Собранието како форум за конструктивен политички дијалог, особено во процесот на реформската агенда на ЕУ.

Оценки дадоа и дел од невладините организации. Според „Фајнeнс тинк“, Извештајот на ЕК дава реална слика за македонската економија во постпандемискиот период и во енергетска криза, но овој пат е поизразен критичкиот тон кон клучните реформски приоритети што се повторуваат во секој извештај поради бавната реализација или нивното одложување.

Според организацијата, Извештајот ја нагласува потребата мерките за справување со последиците од енергетската криза да бидат таргетирани кон ранливите категории и кон компаниите. Забелешка е и широкиот дијапазон на даночните ослободувања што ги поткопува даночните приходи, а се дава и остра критика за отсуството на напредок во справувањето со сивата економија.

Во Извештајот, според „Фајненс тинк“, се укажува дека државната помош доделена на компаниите преку Планот за економски раст, како главен инструмент за хоризонтална помош, е нејасна, а државата не спровела оценка на нејзиното влијание.

Според директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, тонот во Извештајот главно е позитивен, што се должи на пробивот во јуни и почетокот на скринингот, но загрижуваат негативните процени за капацитетите за управување со ЕУ-фондовите. Таа оценува дека во повеќето поглавја има одреден напредок.

– Ако погледнеме споредбено со минатите години, нивото на подготвеност за преземање на обврските од членството останува релативно исто. Единственото поглавје во кое имаме зголемено ниво на подготвеност за преземање на обврските за членство е во поглавјето за заедничката надворешна безбедносна политика – вели Кацарска за МИА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот