Повторно најави за изведба на административни објекти на општините

Општинска зграда Аеродром / Фото: Општина Аеродром

Општина Аеродром ја започна постапката за изградба на нова општинска зграда, а и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски неодамна на фејсбук се пофали дека после повеќе од 40 години, локалната власт ќе добие нов модерен административен објек на местото на старите бараки.

Општина Аеродром по 16 години постоење ќе добие своја зграда, по што нема повеќе од општинскиот буџет да се издвојуваат големи суми за месечен закуп, а и граѓаните, како што посочуваат од локалната власт, ќе добијат пристојни услови каде што ќе можат да ги добијат сите услуги што им се потребни.

Постапката за изведба на новата управна зграда веќе е започната, односно, објавена е јавна набавка за изработка на основен проект и за нејзина изградба.На претходно објавениот јавен конкурс, на кој пристигнале 22 идејни решенија, беше избрано решението на авторите Нина Карангелеска-Тодоровска, Марта Илиевска, Марија Треневска и Марија Грчева.

-Зградата, покрај административниот дел, ќе содржи и мултифунционален центар за собири на граѓани каде што ќе можат да се организираат средби, венчавки и друг тип културни настани, интегрирана подрачна единица и други простории што ќе бидат отворени за граѓаните – велат од Општината и додаваат дека целта е новата управна зграда да биде препознатлива и отворена за сите и да претставува нов дом на сите аеродромци.

И градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски неодамна на фејсбук се пофали дека после повеќе од 40 години, локалната власт ќе добие нов модерен административен објект на местото на старите бараки.

Општинска зграда Гази Баба / Фото: Општина Гази Баба

-Новиот проект предвидува модерен, енергетски ефикасен и еко објект, наместо барокното решение што претходното беше одбрано. Она што е најважно, е што, Општина Гази Баба нема никакви финансиски трошоци при изградбата на новиот административен објект, а проектот целосно треба да биде завршен за две години – информира Георгиевски.

Според неговата објава, во рамки на новиот административен објект предвидени се простории за постојните подрачни единици на министерствата, па граѓаните ќе можат на едно место да ги завршат сите потребни услуги од општината и подрачните одделенија.

Сепак и покрај нашите обиди од Општина Гази Баба не одговорија ништо попрецизно, ниту дали веќе е изготвен основниот проект, ниту кога ќе започне изградбата, кој е изведувач и дали целиот објект ќе биде наменет за потребите на општинската администрација и на подрачните одделенија или ќе има и деловен дел.

Општина Карпош пак четири години се обидува да најде решение за да се доврши новата зграда каде требаше да биде сместена општинската администрација, затоа што она што е веќе изградено отстапува од проектот врз основа на кој е добиено одобрението за градба.

Општинска зграда Карпош / Фото: Општина Карпош

Со цел да се надминат пречките и да се дојде до решение со кое би се откочил процесот на изградба, во Општината беше формирана работна група која требаше да ја провери целата документација во врска со новата општинската зграда.

-Работната група, составена од стручните служби на Секторот за урбанизам од Општина Карпош направи увид и ја провери конкретната документација. Со оглед на тоа што веќе постоечкиот објект (новата општинска зграда) отстапува од основниот проект, во тек е постапка за изработка на нов проект. Откако стручните лица ќе го изработат проектот, за истиот ќе биде поднесено барање до Министерството за транспорт и врски, со цел завршување на општинската зграда – велат од Карпош.

Општина Ѓорче Петров исто така остана без нов административен простор. Во близината на реонскиот парк пред седум години се удрија темели за новата општинска зграда, а според планот, веднаш до неа требаше да се изгради нов современ деловен објект. Емпорио бизнис центарот требаше да биде резултат на првото јавно-приватно партнерство помеѓу општината Ѓорче Петров и градежната компанија „Трансмет“ од Скопје. Изградбата беше прекината кога фирмата отиде под стечај, а Општина Ѓорче Петров успеала да наплати 380 000 евра отштета за доцнењето за изградба на зградата.

Во моментов Општината е сместена во двокатна барака што датира од пред скопски земјотрес во 1963 година и во просториите под наем во Домот за пензионери.

 

  

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот