Жена во маркет, потрошувачка кошничка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Постот ја ублажува инфлацијата, „разгорување“ се очекува по Велигден

Пакување со 10 јајца поскапо за 10 денари, шише зејтин за 8 до 9 денари, домат поскап за 90 денари од килограм, шеќер за 10 денари. Ова се само дел од поскапувањата што ги забележа „Слободен печат“ по маркетите и тоа само неколку дена по драстичното зголемување на цените на нафтените деривати. Вработените во маркетите велат дека нови цени имаат и гравот и  леќата, кои се поскапи во просек за 5 до 8 денари, а печурките се поскапи за цели 80 денари од пакување. Растот на цените на основните прехранбени производи повторно го отвора прашањето за инфлацијата и животниот стандард во Македонија.

– Најголем раст на цени се гледа кај основните животни намирници како маслото за јадење, брашното и јајцата. Месото е по стара цена, но поради постот многу малку се купува. Кога има голема понуда, цените не се зголемуваат. Исто е и со цената на сувомесните производи. Вистинскиот скок на цени се очекува околу велигденските празници кога ќе заврши постот и ќе почнат да се купуваат месо, млечни и сувомесни производи – велат во еден скопски маркет.

Од таму објаснуваат дека скокот на цените се очекува да продолжи и од следната недела кога доаѓа нова стока, посебно од увоз, бидејќи во моментот се трошат залихите што ги имаат трговците по магацините.

Изгор цени и на пазарите

Обошјето и зеленчукот на пазарите се со повисоки цени. Периодов речиси и да нема домашни раноградинарски производи, па на тезгите се продава овошје и зеленчук од Грција, Турција и Албанија. Во моментов цената на килограм свежи краставици се движи од 120 до 160 денари, а доматите се со цена која достигнува и 250 денари за килограм розов домат. Малку поевтин е спанаќот што се продава за 80 денари килограм, додека зелената салата може да ја најдете и по цена од 50 денари за парче. Увозната ајсберг салата, која е пакувана во целофан и личи на млада зелка, достигна 200 денари за парче, компирот чини 40 и 50 денари, а така се продаваат и морковите.

Дизелот се набавува по 54, а се продава по 92 денари за литар: Инфлацијата се разгорува, никој не се „жртвува“

Економистите предупредуваат дека зад овој тренд стојат повеќе фактори, меѓу кои се и растот на цените на енергенсите на светските пазари, повисоките транспортни трошоци и зголемените производствени трошоци.
Движењата на цената на нафтата и природниот гас имаат силно влијание врз ценовната стабилност во земјата, бидејќи голем дел од економијата директно или индиректно зависи од увоз на енергија. Кога растат цените на енергенсите, се зголемуваат и трошоците за производство, транспорт и складирање на храната, што на крај се одразува со повисоки цени на рафтовите во продавниците.

Транспортерите бараат враќање на дел од акцизата

Транспортните компании веќе прават пресметки за тоа колку ќе се зголемат трошоците за превоз со сегашната цена на нафтата. Повисоките трошоци за превоз значат дека компаниите плаќаат повеќе за доставување на суровини и готови производи, а овие трошоци најчесто се префрлаат врз потрошувачите.

– Трошоците за нафта се 40 до 60 проценти од вкупните трошоци за транспорт. За да се ублажат, имаме повеќе барања од надлежните. Прво да се зголеми дневницата на возачите и да не се плаќа персонален данок на неа, а во исто време да се враќа и дел од акцизата- вели Билјана Муратовска, претседателка на „Макам транс“.

Таа вели дека Владата треба да интервенира и со пуштање на нафтата од стоковите резерви со цел да се ублажи ценовниот скок.
Од Сојузот на стопански комори предупредија дека компаниите можат само ограничен период да ги апсорбираат зголемените цени на репроматеријалите. Кога трошоците ќе достигнат ниво што ја загрозува ликвидноста, компаниите се принудени да ги зголемат цените на крајните производи.
Претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, за „Слободен печат“ неодамна изјави дека македонската економија е силно зависна од увоз на енергенси и дека растот на нивните цени влијае врз целиот производствен синџир.

– Не се само нафтата и нафтените деривати дел од производството. Цел сет на производи и суровини имаат зголемени цени, што влијае врз трошоците на компаниите. Секоја компанија има граница до која може да ги апсорбира овие трошоци. Во моментот кога тие ќе ја загрозат ликвидноста, компаниите ќе мора да реагираат – вели Ѓорѓиевски.

Повеќе бензиски пумпи по 22 часот не точат гориво

Тој смета дека во вакви услови државата може да интервенира преку стоковите резерви на нафта за да се ублажи ударот врз економијата.
Македонија во голема мера увезува нафта и природен гас, па секое поскапување на светските пазари релативно брзо се пренесува и на домашниот пазар. Тоа најдиректно се чувствува преку цените на бензинот и дизелот, кои се одредуваат врз основа на движењата на меѓународните пазари и курсот на доларот. Економистите предупредуваат дека инфлацијата предизвикана од енергенси е особено чувствителна бидејќи ги погодува речиси сите сектори од економијата. Освен транспортот и индустријата, повисоките цени на енергијата директно влијаат и врз земјоделството, каде што горивото и енергијата се значаен дел од производствените трошоци.
Според економистите, ефектите од ваквите шокови најчесто се чувствуваат со одредено задоцнување, односно неколку месеци по промените на светските пазари. Тоа значи дека доколку цените на нафтата и гасот продолжат да растат, притисокот врз инфлацијата и цените на храната може дополнително да се засили подоцна во текот на годината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот