Дизелот се набавува по 54, а се продава по 92 денари за литар: Инфлацијата се разгорува, никој не се „жртвува“
Во надградувањето на набавната цена најголемо учество има државата. Таа за бензините наплатува акциза од 22 денари, а за дизелот од 15,5 проценти. На крајот се пресметува данокот на додадена вредност, и тоа во основицата за пресметка влегува и ставката акциза. Значи и на акцизата се пресметува данок!
Од добавувачот до бензинските пумпи нафтените деривати стигнуваат во просек по двојно поголема цена. Според ценовникот на Регулаторната комисија за енергетика, бензинот БС 95 се набавува по цена од 42 денари, а се продава за 86,5 денари, набавната цена на бензинот БС 98 е 43,6 а продажната 88,5 денари. Дизелот се смета за енергент што најмногу влијае врз инфлацијата затоа што камионите главно го користат овој вид гориво. Набавната цена на дизелот е 54 денари, а сегашната продажна цена му е 92 денари.
Препорачано
Во надградувањето на набавната цена најголемо учество има државата. Таа за бензините наплатува акциза од 22 денари, а за дизелот е 15,5 денари. На крајот се пресметува данокот на додадена вредност, и тоа во основицата за пресметка влегува и ставката акциза. Значи и на акцизата се пресметува данок!
Данокот на додадена вредност е најзначајна ставка за полнење на приходната страна на буџетот. Сега, со скокот на цените на нафтените деривати, од неа одлично се „заработува“. За бензинот БС-95 моменталното ДДВ е 13,2 денари, за БС-98 е 13,5 денари, а за дизелот 14 денари за секој наточен литар.
Овие две ставки – акциза и ДДВ – учествуваат во цената на бензинот БС-94 со 38,4 проценти, во цената на бензинот БС 98 со 40,1 процент, а во дизелот со 54,6 проценти.
Дополнително се наплатува скромен надоместок за заштита на животната средина и за задолжителните резерви.
И трговците си имаат добар дел од колачот. За секој литар бензин си наплатуваат 7,4 денари, а за дизел 7 денари. Тоа е нивната трговска маржа и надоместок за работење преку склад.
За транспортот од склад до бензинска пумпа за секој литар се наплатува по 1 денар.

Од 28 февруари кога САД и Израел го нападнаа Иран, кај нас двапати се зголемија цените на бензините и на дизелот. Првото зголемување на цената на бензинот беше за 5 денари, а на дизелот за 14,5 денари. Второто, од понеделникот, е за 7 денари за бензините, односно за 6,5 денари за дизелот. Математиката покажува дека досега бензините поскапеа за 15-ина проценти, а дизелот за безмалку 30 проценти.
Во вакви услови, сите цени тргнаа нагоре. Така, цената на пакување со 10 јајца од 99 денари се зголеми на 109 денари во поевтините маркети, а во поскапите стигна и до 140 денари. Маслото за јадење се врати на непосакуваната цена од 100 денари. Малку угоре отиде и цената на шеќерот од 33 денари на 36 денари за пакување кое веќе вообичаено е 900 грама. Цената на доматите експлодираше од 120 на 250 денари за килограм.
Од Владата засега стигнуваат најави дека состојбата се следи и дека ако треба ќе се интервенира со намалување на данокот на додадена вредност и со намалување на акцизата.
Во време на претходната енергетска криза имаше намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти за увоз и промет на енергенти. Тоа се направи со измени на Законот за данок на додадена вредност, за што услов е прогласување кризна или вонредна состојба. Имаше и намалување на акцизата, но кога и како се прави – тоа е предвидено во закон. Законот за акцизи предвидува механизам на „дополнителна акциза“, чија висина се утврдува според берзанските цени на нафтата, што ѝ овозможи на Владата во 2022 година да ја намали акцизата кога цените на светските пазари нагло пораснаа. Истото законско решение и сега постои, но бидејќи не е активирано, сè уште не се постигнати тие поставени услови. Максималното законско намалување на акцизата може да биде 3 денари.


