Посмртнината за пензионерите се зголемува за 5.000 денари
Пензионерите и нивните семејства ќе добијат поголема финансиска поддршка во најтешките моменти. Управниот одбор на Фондот на ПИОМ одлучи да ја зголеми посмртнината од 35.000 на 40.000 денари, како одговор на растечките трошоци за погребни услуги и за зголемениот социјален притисок врз оваа категорија граѓани.
Препорачано
Одлуката, иницирана од Регистрираната организација за Солидарен фонд, предвидува исплата на повисок износ при смрт на корисник на пензија, додека месечната задршка од пензиите за солидарниот фонд ќе се зголеми од 140 на 150 денари. Целта, како што велат од Фондот, е да се зачува финансиската стабилност и ликвидноста на системот.
Според Станка Трајкова, член на Управниот одбор и претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, симболичното зголемување од 10 денари по пензионер на месечно ниво ќе обезбеди значителни дополнителни средства, особено ако се земе предвид зголемувањето на бројот на пензионери во декември 2025 година.
Со зголемувањето на посмртнината за 5.000 денари, институциите настојуваат да ја олеснат финансиската тежина за семејствата на починатите пензионери во услови на економска неизвесност.


