Посетата на изложби во музеи може да го успори биолошкото стареење
Пред неколку години, некои лекари во Канада почнаа на своите пациенти да им „препишуваат“ уметност, овозможувајќи им бесплатен пристап до локален музеј. Идејата била дека шетањето меѓу ремек-делата и размислувањето за сликите може да им помогне на пациентите да постигнат подобри физички и ментални здравствени резултати, пишува „Саенс алерт“.
Препорачано
Нова студија од Обединетото Кралство покажува дека тоа и не е толку невообичаен „рецепт“. Уметноста навистина би можела да влијае врз биолошките показатели на стареењето.
Научници од Лондонскиот универзитет колеџ откриле дека неделна уметничка или културна активност може да го забави темпото на стареење речиси исто колку и вежбањето еднаш неделно.
Филозофијата дека „уметноста е живот“ можеби навистина има научна поткрепа.
„Нашата студија ги дава првите докази дека уметничката и културната активност е поврзана со побавно темпо на биолошко стареење“, вели коавторката на студијата и епидемиолог Фејфеи Бу од Универзитетскиот колеџ во Лондон.
„Ова се надоврзува на сè поголемиот број докази за влијанието на уметноста врз здравјето, бидејќи се покажало дека уметничките активности го намалуваат стресот, ги намалуваат воспаленијата и го подобруваат ризикот од кардиоваскуларни заболувања, исто како што е познато дека го прави и физичката активност.“
Истражувачите анализирале здравствени податоци од повеќе од 3.500 возрасни лица во Велика Британија, вклучувајќи неколку таканаречени епигенетски часовници – модели што можат да дадат проценка за биолошкото стареење – како и тоа колку често испитаниците учествувале во уметнички или културни активности. Овие активности вклучувале посета на музеи или библиотеки, изложби, ракотворби, сликање, пеење, танцување и многу други креативни активности.
Учесниците кои практикувале барем една ваква активност неделно покажале побавни знаци на стареење во споредба со оние кои поретко имале контакт со уметност.
Еден од епигенетските часовници покажал дека кај овие луѓе стареењето се одвивало четири проценти побавно отколку кај оние кои ретко се занимавале со уметност.
Резултатите биле најизразени кај луѓето од средна возраст, а колку поголема била разновидноста на уметничките и културните активности, толку подобри биле показателите за стареење.
Епигенетските часовници не се совршени модели, туку научни алатки создадени за да предвидат колку брзо или бавно старее некој човек. Тие се базираат на врската меѓу начинот на живот, влијанието врз изразувањето на гените и здравствените исходи.
Не постои еден универзален часовник за стареење, туку повеќе различни модели, зависно од тоа на кој аспект на стареењето научниците сакаат да се фокусираат.
Во оваа студија биле анализирани дури седум различни модели. Еден од најновите се нарекува „Дјундин ПЕЈС“ и го мери темпото на стареење.
Во споредба со луѓето кои практикувале уметнички активности помалку од трипати годишно, оние кои учествувале во вакви активности најмалку трипати годишно покажале два проценти побавно стареење според „Дјундин ПЕЈС“.
Активност еднаш месечно била поврзана со три проценти побавно стареење, додека неделна активност била поврзана со четири проценти побавно стареење.
Друг модел, наречен „Фено Ејџ“, ја споредува хронолошката возраст на човекот со возраста што најдобро ја одразува неговата здравствена состојба – концепт познат како „биолошка возраст“.
Според „Фено Ејџ“, луѓето кои најмалку еднаш неделно учествувале во уметнички или културни активности во просек биле помлади за околу една година од оние кои ретко имале контакт со уметност.
Тоа е речиси двојно поголема разлика од онаа меѓу луѓето кои вежбале барем еднаш неделно и оние кои не вежбале.
„Овие резултати го покажуваат влијанието на уметноста врз здравјето и на биолошко ниво“, вели главната авторка на студијата и епидемиолог Дејзи Фанкурт, која речиси десет години ги истражува здравствените придобивки од уметноста на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
„Ова е доказ дека уметничката и културната активност треба да се препознае како навика што го подобрува здравјето, слично како вежбањето.“
Можеби во иднина лекарите и во други делови од светот ќе им препишуваат на пациентите посети на музеи или уметнички активности. На крајот на краиштата, некои веќе препорачуваат престој во природа како дел од здравствената грижа.
Која е разликата меѓу уживањето во убавината на природата преку таканаречено „шумско капење“ и уживањето во убавината на уметноста создадена од човекот? Можеби и двете активираат слични „состојки“ за здравје и среќа.
Уметноста може да биде физичко, когнитивно, емоционално или социјално искуство, а здравото стареење бара внимание кон сите овие аспекти на животот.
Една посета на музеј можеби истовремено ги исполнува сите тие услови.


