Поранешната сопруга на Бил Гејтс: „Тој мора да даде одговори за неговата поврзаност со Џефри Епстин“
Милијардерката и филантропка Мелинда Френч Гејтс изјави дека појавувањето на нејзиниот поранешен сопруг, соосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, во новообјавените досиеја поврзани со починатиот сексуален престапник Џефри Епстин повторно разбудило „болни моменти од нејзиниот брак“, објави Би-би-си.
Препорачано
Во интервју за поткастот „Вајлд кард“ на Националното јавно радио (НПР), таа рече дека чувствува „неверојатна тага“ поради обвинувањата поврзани со Епстин и дека луѓето чии имиња се појавуваат во документите, вклучително и нејзиниот поранешен сопруг, треба да дадат одговори.
„Среќна сум што сум далеку од целата таа ‘кал’“, изјави таа.
Двојката се разведе во 2021 година, по 27 години брак.
Во документите објавени од американското Министерство за правда се појавува и тврдење на Епстин дека Бил Гејтс добил сексуално пренослива болест. Гејтс ова го нарече „апсолутно апсурдно“.
„Овие тврдења – од докажан, огорчен лажго – се апсолутно апсурдни и целосно неточни“, соопшти портпарол на Бил Гејтс во врска со обвинувањата.
Бил Гејтс не е обвинет за какво било незаконско дејство од ниту една од жртвите на Епстин, а самото појавување на неговото име во досиејата не значи дека е сторено кривично дело од каков било вид.
Во интервјуто за НПР, Мелинда Френч Гејтс рече: „За мене, лично, секогаш е тешко кога ќе се појават тие детали, нели? Затоа што ме враќаат на некои навистина, навистина болни моменти од мојот брак“.
„Тие прашања се за тие луѓе, па и за мојот поранешен сопруг. Тие треба да одговараат за тоа, не јас“, додаде таа за време на нејзиното гостување во овој поткаст.
Американските медиуми претходно објавија дека пред нивната разделба, Мелинда Френч Гејтс била вознемирена поради поврзаноста на нејзиниот сопруг со Епстин. По објавувањето на нивниот развод, Бил Гејтс призна дека во 2019 година имал афера со вработена во „Мајкрософт“.
Обвинувањата поврзани со Бил Гејтс се дел од повеќе од три милиони документи што американското Министерство за правда ги објави минатата недела. Две електронски пораки од 18 јули 2013 година, за кои се смета дека ги напишал Епстин, се појавуваат во документите, но не е јасно дали некогаш биле испратени до Гејтс. Двете пораки се испратени од електронската адреса на Епстин и вратени на истата адреса, без да се појави каква било адреса поврзана со Гејтс, а ниту една од нив не е потпишана. Едната порака е напишана како наводно отказно писмо од Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ и во него е изнесено жалење дека мора да се набави лек за Бил „за да се справи со последиците од секс со руски девојки“. Во другата порака, која започнува со „драг Бил“, се жали дека Гејтс прекинал пријателство и изнесува дополнителни тврдења дека тој се обидел да прикрие сексуално пренослива инфекција, вклучително и од својата тогашна сопруга, Мелинда.
Со години, Бил Гејтс и неговите претставници ја минимизираа неговата поврзаност со Епстин. Тој претходно изјави дека имале само „неколку вечери“ на кои разговарале за филантропски проект што никогаш не бил реализиран.
По најновите обвинувања, портпарол на Гејтс изјави: „Единственото што овие документи го покажуваат е фрустрацијата на Епстин што немал постојан однос со Гејтс и до кои крајности бил подготвен да оди за да го вовлече и оцрни.“
Многу од документите, електронските пораки и фотографиите во милионите објавени материјали фрлаат светло врз обемната мрежа на познати личности, бизнис-лидери и светски политичари со кои Епстин бил поврзан – контакти кои, во некои случаи, продолжиле и по неговата пресуда во 2008 година за барање секс од 14-годишно девојче.
Џефри Епстин почина во затворска ќелија во Њујорк во 2019 година, додека го очекуваше судењето за трговија со луѓе за сексуална експлоатација.


