Поради лажните вести мораа да реагираат експерите: Не, морската сол не ги излечи заразените во Перу!

Во Перу веќе една недела нема смртни случаи бидејќи таму „го пронашле“ лекот за коронавирусот и тоа средство секој го има во својот дом – обична морска сол.

– Пред да дојде до белите дробови, вирусот корона се задржува во грлото четири дена и во тоа време започнува болката и кашлицата. Доколку грлото го испираме со сол и топла вода или оцет, ќе го елиминираме вирусот, се наведува во советите.

Оваа порака, со упатство таа да се сподели „со цел да спасите некој на кого ова му е потребно“, предизвика вистински бум на социјалните мрежи. Ја погледнаа милиони луѓе, а ја споделија илјадници.

На оваа порака реагираше и перуански фармацевт кој го замоли претседателот да се огласи, бидејќи земјата со морска сол би можела да ја победи короната за само една недела.

Откако фотографиите, а потоа и видеата за овој совет стекнаа толкава популарност во оваа земја но и во светот мораше да реагира дури и поранешната министерка за здравје на Перу, Патрисија Гарсија:

– Вирусот не лебди во нашето грло. Кога вирусот ќе продре во нашиот организам, автоматски се лепи за клетките и им создава големи проблеми. Ги принудува да произведуваат милијарда нови вируси и во тој момент веќе дошло до инфекција. Па затоа без оглед дали ќе го испирате грлото со сол, јод, топла вада или пак оцет, тоа нема да го убие вирусот, нагласи таа.

Таа додаде дека господинот од видеото користи стручни зборови и изрази, поради што многумина му поверувале, но дека неговите тврдења се апсолутно неточни.

Поранешната министерка нагласи дека во секоја земја постојат заблуди и дека научниците досега немаат потврдено на кој начин точно дури и хидроксихлорохинот помага во сузбивањето на коронавирусот.

Во потрага по вистинскиот лек за коронавирусот, склони сме да веруваме дека пронаоѓањето е брзо, а решението на проблемот е многу поблиску отколку што мислиме.

После веста дека хидроксихлорохинот, лекот за маларија, помага во сузбивањето на симптомите, нашите сограѓани ги опустошија аптеките и ги купија сите достапни лекови за оваа болест.

Познатиот антибиотик сумамед беше набавен во најбрз можен рок откако за него беше кажано дека помага во лекувањето на коронавирусот.

Исто така на сите меридијани имавме прилика во супермаркетите да видиме недостаток на ѓумбир и лук, кои исто така „помагаат“. Се зборуваше дека и апаратот за сушење на раце го убива вирусот, а на еден пазар во Грузија хартиените пари се пеглаат со цел да се исчистат од оваа невидлива болест.

Не наседнувајте на лажните вести, доколку имате било каков симптом пријавете се за тестирање, изолирајте се од останатите и оставете им на докторите да си ја завршат својата работа. Секој организам е различен, не посегнувајте сами по ниту еден „потврден“ лек кој се шири на интернет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот