Instagram

Поетесата со насмевка на Мона Лиза и срце на светица: Љубовта ѝ беше инспирација, а својата ја најде дури во подоцнежните години

Беше тоа во една земја на селани
на ридестиот Балкан,
умреа со маченичка смрт чета ученици
во ист ден.

Иста година сите беа родени,
исто им поминуваа училишните денови
на исти свечености заедно се носени, од исти
болести пелцуавни и сите умреа во ист ден…

Ова е дел од песната „Крвава бајка“ на Десанка Максимовиќ, една од најпотресните и најпознатите антивоени песни во српската, а и во балканската поезија. Максимовиќ ја напишала како одговор на масакрот во Крагуевац што се случил на 21 октомври 1941 година, кога германските окупаторски сили за одмазда стрелале повеќе од 2.700 цивили, меѓу кои околу 300 ученици и нивни наставници од гимназиите.

Десанка Максимовиќ е родена на денешен ден, 16 мај 1898 година во Рабровица, недалеку од Ваљево. Секој нејзин стих ни дава за право да заклучиме дека сакала, копнеела, барала, чекала, ја слушала љубовта во нејзиниот глас и ја барала во пролетта, камчето, погледот, чекањето…

„Не давам да ми ја земат душата, не давам да ми ја скршат верата, не давам да ми го земат срцето, не давам да ми ја омаловажат љубовта.“

Зрелоста во изразувањето ја постигнала со тоа што многу нежно го впивала секое издишување на околината, заљубувајќи се во сето она од кое зрачи љубовта – цвет, земја, правда, занес, чекање, вознемиреност.

Преку својата поезија „ги молеше луѓето да бидат верни на себе, на своите мисли и чувства. Нејзината креативност се граничеше со неверојатното, опстојуваше во различни социо-културни околности, седум децении без одмор беше кројачка на реалноста во која го вдишуваше силниот, задушувачки воздух на животот и историјата на својот народ и му го додаде мирисот на најубавата љубов“, пишува Стил.рс.

За Десанка љубовта била учителка на духот, вечна инспирација да се создадат најубавите книжевни дела, иако таа својата љубов ја нашла во подоцнежните години од животот, во август 1933 година, кога му станала сопруга на Сергеј Сластиков, кој бил актер и поет.

Десанка го вперуваше прстот кон добрината на луѓето, ги потсетуваше на суштината на човековото постоење, преку хартијата на која лежеа најубавите љубовни зборови можеше да се наѕира душата што ја имаше поетесата Десанка Максимовиќ.Нејзиното срце било отворен прозорец низ кој секој можел да влезе, да ѕирне и да стане дел од неа. Од ликот на Десанка Максимовиќ се создал мит на совршенство, сите оние што ја познавале ја гледале како светица.

Во продолжение прочитајте некои нејзини најемотивни стихови.

„Слушај, ќе ти ја кажам мојата тајна: никогаш не ме оставај сама кога некој свири“.

„Љубов е кога некој дише со твоите бели дробови.“

„Не ме љуби повеќе, сега сакам сама да откријам што го менува срцето и што создава љубовта.“

„Престани да ме сакаш. Сакам солзите да ми пресушат.“

„Не ме љуби повеќе. Понекогаш и болката е потребна како воздух.“

„Љубовта е бескрајна тајна, затоа што во неа сè има свое ‘зошто’, а нема свое ‘затоа’.“

„Љубовта што не боли – не е љубов.“

„Останувам овде – сонцето под туѓо небо нема да ме грее подобро.“

„Животот е чудо – не дозволувај да те збуни. Штом постоиш – сè е можно.“

„Мојата душа е отворена како небото, и не сакам да ја затворам.“

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Jelena (@belgrade_photo_history)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот