По 48 години решена една од најголемите мистерии во Канада за убиството на тинејџерката Шарон Приор

Шарон Приор / Фото: Canadian Press / Shutterstock Editorial / Profimedia

Канадската полиција соопшти дека ја решила една од најзначајните мистерии во историјата на Квебек, поврзувајќи го силувањето и убиството на 16-годишно девојче во 1975 година со маж од Западна Вирџинија, кој починал пред повеќе од 40 години. Полицијата во Лонгеј, Квебек, соопшти дека доказите за ДНК им дозволуваат да бидат 100 отсто сигурни дека Френклин Мејвуд Ромин ја убил тинејџерката Шарон Приор од предградието на Монтреал, пишува британски „Скај“.

Телото на Ромин, кој бил роден во 1946 година во вториот по големина град во Западна Вирџинија, Хантингтон, а починал во 1982 година на 36-годишна возраст во Верден, Монтреал, под мистериозни околности, било ексхумирано од гробиштата во Западна Вирџинија на почетокот на мај за да се извршат ДНК тестови кои биле потребни за да се потврди неговата поврзаност со делото.

Полицијата на Лонгеј вели дека ДНК тестовите на Ромин – кој имал долга криминална историја – се совпаѓаат со примерокот пронајден на местото на злосторството. Тоа се совпаѓа и со физичкиот опис на осомничениот.

Силувањето и убиството на Приор останале нерешени откако таа исчезнала на 29 март 1975 година, откако заминала да се сретне со пријателите во пицерија во близина на нејзиниот дом во населбата Поен-Сент Чарлс во Монтреал и повеќе не се вратила.

Нејзиното тело било пронајдено три дена подоцна во шумска област во Лонгеј, на јужниот брег на Монтреал. Обвинителите истражиле повеќе од 100 осомничени во текот на годините, но никогаш не уапсиле ниту едно лице. Ивон Приор, мајката на тинејџерката, која сега има 80 години, сè уште живее во Канада и го поминала својот живот во потрага по убиецот на нејзината ќерка.

Името на Френклин Мејвуд Ромин не било поврзано со истрагата до минатата година. Кога полицијата на Лонгеј почнала да ги пребарува криминалните досиеја, открила богата историја на насилство и обиди на Ромин да ги избегне спроведувањето на законот движејќи се меѓу Западна Вирџинија и Канада.

Ромин првпат се обидел да избега од затворот во Западна Вирџинија во 1964 година, а подоцна избегал во 1967 година, според записите на полицијата. Две години подоцна, Ромин веќе имал криминално досие во Канада.

Во 1974 година, тој бил уапсен за кражба на дом и силување на жена во Паркерсбург, Западна Вирџинија. Тој бил ослободен со кауција од 2.500 долари два месеци подоцна и побегнал во Канада, според извештајот на „Асошиетед прес“ од тоа време.

Неколку месеци по убиството на Приор во 1975 година, Ромин бил уапсен од канадски погранични службеници и екстрадиран назад во Западна Вирџинија, каде што бил осуден на затворска казна од пет до 10 години за сексуален напад во случајот Паркерсбург.

Тој починал во Канада во 1982 година, набргу по излегувањето од затвор, иако официјалните лица велат дека не успеале да најдат потврда за смртта во која се наведени околностите што довеле до неговата смрт. Неговото тело било вратено на неговата мајка во Западна Вирџинија, каде што неговото семејство го погребало на гробиштата Пајн Гроув, округот Путнам, Западна Вирџинија.

Кога телото на Ромин било ексхумирано минатиот месец, локалниот обвинител Марк Сорсаја го нарекол злосторството против тинејџерката „најлошиот елемент на човечката раса“ .

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот