Писмото на Коцевски е класичен чин на заплашување, вели Љубомир Михајловски – Џанго
„Класичен чин на заплашување на адвокатите“, го нарече претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски, писмото што државниот обвинител Љупчо Коцевски минатата недела го испрати до Комората.
Препорачано
Михајловски, кој е и поранешен министер за внатрешни работи и директор на Царинската управа, во емисијата „Аргумент+“ на ТВ24 рече дека реакцијата на обвинителството е обид за притисок врз адвокатите кои јавно го коментираат обвинението за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
И Михајловски очекува судската постапка за пожарот во кочанската дискотелка „Пулс“ да трае долго, поради големиот број обвинети и оштетени лица, меѓу кои и родителите на настраданите и повредените деца.
Писмото на државниот обвинител беше испратено до Комората пред една недела, по јавните настапи на дел од адвокатите вклучени во предметот. Во него Коцевски остро реагира на јавните коментари на адвокатите, оценувајќи дека тие однапред изразуваат неосновани очекувања во врска со времетраењето на судската постапка, без да бидат запознаени со доказниот материјал.
„Давањето неосновани проценки во врска со долгото траење на судските постапки го нарушува угледот на Судот и претставува обид да се прикаже како бавен и неефикасен. Ова е спротивно на член 13 од Кодексот за професионална етика на адвокатите, според кој, за време на вршењето на својата професија, адвокатот е должен да го штити угледот на судот и институциите пред кои се појавува. Неговиот изглед мора да биде таков што судовите и другите органи ќе го гледаат како бранител во спроведувањето на законитоста и заштитата на правата и правните интереси на странките“, вели тој.


