Се огласи Адвокатската комора: Правите притисок и се мешате во работата на адвокатите, му порача на Коцевски
Адвокатската комора денеска реагираш откако државниот обвинител Љупчо Коцевски преку допис се пожали дека дел од адвокатите преку изјави и јавно изнесени ставови за случајот „Кочани“ сакаат да го да го наруши интегритетот на истрагата.
Препорачано
Од Комората во писмото испратено до телевизијата „24“ велат дека дописот на Коцевски е „директно мешање во работата на адвокатите“, и дека тој „ја повредува нивната независност“.
„Реакцијата на обвинителството е обид да се замолчи и спречи одбраната и полномошниците на оштетените – за нивно произнесување и правилно информирање на јавноста“, пишува во писмото.
„Согласно принципите на тајноста на истражната постапка, адвокатите во ниту еден момент не можеа, а и не преземаа било какви дејствија за спречување, односно одолговлекување на овој дел од кривичната постапка. Сакаме да истакнеме дека Јавното обвинителство беше тоа кое што во изминатиов период на прес-конференции наведе поединечно кои лица се обвинети, кои лица какви дејствија преземале и за што се обвинети и тоа уште пред да стапи обвинителниот акт на сила. Во интерес за правилно известување на јавноста, Ве информираме дека адвокатите не се тие кои влијаат на времетраењето на истражната постапка, ниту пак би влијаеле на претстојната судска постапка“, вели адвокатската еснафска организација.
Реакциите на Обвинителството и адвокатската комора следуваа откако адвокатката Сузана Анастасовска како бранител во случајот Кочани, ги изнесе своите ставови во емисијата „Студио 10“ на ТВ „24“. Таа посочи дека не го добила целиот доказнен материјал како пораките меѓу инспекторите на УЈП и газдите на Пулс. На самиот старт од правната битка, како што изјави адвокатката, може да се очекува дека Обвинителството повеќе ќе се грижи за сопствениот имиџ – отколку за правната суштина на обвинението.
Државниот јавен обвинител Коцевски во писмото напиша дека адвокатката кажува невистини, со цел да го наруши интегритетот на истрагата. Анастасовска пак писмото го оквалификува како притисок и директен напад врз нејзината слобода на говор и професионална независност.
На писмото на Коцевски реагираше и адвокатот Звонко Давидовиќ. Тој во одбрана на колешката Анастасовска, но и како бранител во случајот „Кочани“, изјави дека обвинителството е само странка во постапката. Обвинителството според него не треба да се наметнува и да се става над судот и адвокатите кажувајќи им што треба, а што не треба да зборуваат во јавност.


