Бране Петрушевски во гостување на „Телма“ / Фото: Телма / Топ тема / скриншот

Петрушевски вели дека власта нема врска со куќниот притвор за Груби – тоа било самостојна одлука на Обвинителството

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, вечерва во гостување во емисијата „Топ тема“ на „Телма“ се обиде да објасни зошто на Артан Груби, поранешниот вицепремиер кој 14 месеци беше во бегство, а вчера се врати во Македонија, му беше одреден само куќен притвор. Според Петрушевски, не станувало збор за „преземено судство“ или пак договор, како што обвини опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), туку дека мерката куќен притвор била самостојна одлука на Јавното обвинителство.

„Јас го разбирам и револтот на јавноста и ова коешто се говори по однос на изнесената мерка куќен притвор за Артан Груби. Меѓутоа таа мерка не ја носи Владата, ја носи Јавното обвинителство, по предлог на Јавното обвинителство ја носи судската власт. Со член 98 од Уставот, судската власт е независна“, рече Петрушевски.

Тој додаде дека обвинителтвото е со два посто доверба за кое СДС се бореше да не биде сменето, притоа посочи дека за претходното седумгодишно владеење на СДС граѓаните им станало нормално да гледаат како министри нарачуваат обвиненија, за разлика од денес кога Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против Артан Груби, Прпарим Бајрами, а во истата кривична пријава е и поранешниот премиер и претседател на СДС, Ковачевски, потенцирајќи дека можеби оттука им е и стравот и паниката на СДС.

„Јас разбирам дека граѓаните веќе им станало нормално после претходното седумгодишно владеење на СДС да се шетаат министри во канцелариите на јавните обвинители, да нарачуваат обвиненија. Така што ова е истото тоа судство и обвинителство коешто има 2 проценти рејтинг против коешто јас секојдневно држам прес-конференции, коешто е под контрола на СДС и ДУИ и нивните луѓе коишто ги носеа. Кога ние излеговме и баравме комплетна смена на судскиот и обвинителскиот совет да ги разрешиме затоа што го доведоа судството до два проценти за да можеме да го ставиме на здрави нозе, токму СДС беше политичката партија којашто беше против тоа“, заклучува Петрушевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот