Пешиќ: Јокиќ ќе игра за Србија под еден услов

Никола Јокиќ, најголемата кошаркарска ѕвезда ќе ја предводи Србија на ЕП 2022/Фото: EPA-EFE/COSTFOTO CHINA OUT

Светислав Пешиќ, селекторот на кошаркарската репрезентација на Србија, одржа едно интересно предавање пред студентите на Факултетот за спорт на Унијата – Универзитетот Никола Тесла.

Прославениот експерт зборуваше на повеќе теми и одговараше на прашања на студентите. Во својот препознатлив стил, Пешиќ детално зборуваше за изборот на играчи и за тоа како да се препознае талентот, за уникатната методологија на работа создадена во југословенската кошаркарска школа, но и за сопствената тренерска филозофија, која ја градеше преку 40-годишна успешна работа.

Најголемо внимание привлекоа одговорите поврзани со настапот на Никола Јокиќ за српската репрезентација на ЕП, како и изборот центарот на Денвер нагетс да биде прогласен за најкорисен играч во НБА лигата втора година по ред.

– Никола Јокиќ ќе игра за репрезентацијата само под еден услов, а тоа е да стане подобар играч преку репрезентацијата на Србија. Не е прашање дали ја сака својата земја. Тоа е несомнено. Тој е горд Србин кој ми пишува пораки на кирилица. Но, мора да најдеме начин да го мотивираме да се натпреварува со најдобрите играчи во Европа. Ако не е мотивиран, ако нема интерес, тогаш нема смисла да игра – вели Пешиќ.

Српскиот центар повторно ја доби титулата МВП, односно најкорисен играч во регуларниот дел од НБА лигата. Само 12 играчи во историјата пред него двапати по ред беа прогласени за најдобри.

– Нема сомнеж дека Никола Јокиќ и Лука Дончиќ се најдобрите европски играчи кои некогаш играле во НБА лигата. Тие го менуваат начинот на игра во најсилната лига во светот. И постојано се подобруваат. Секоја година носат нешто ново и тоа е она што ги прави врвни. А дека Никола апсолутно го заслужи признанието може да се види по тоа што Џоел Ембид (од Филаделфија сиксерс), неговиот најголем ривал за тоа признание, му честиташе – рече Пешиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот