ФОТО | Откриена тајната зад култната фотографија: Мерлин Монро ги покажала гаќите, уживала во неа, нејзиниот сопруг заминал налутен…
Ударот на воздухот низ вентилацијата на њујоршкото метро што го крева белиот фустан на Мерлин Монро, а тој сензуално се вее по нејзините нозе речиси сè до гаќичките, е една од најпознатите филмски сцени во светот. Култната комедија на Били Вајлдер „Седум години верност“ (The Seven Year Itch) во која, во 1955 година, e снимена таа сцена, наполни 70 години, а покрај фактот дека за Вајлдер тоа беше делото по кое најмногу се памети, и за Мерлин, која веќе беше позната актерка во тоа време, и самиот филм и фотографиите направени на снимањето значеа суверена потврда за нејзиниот статус како секс-симбол, пишува „Фокс њуз“.
Препорачано

Семејството на покојниот фотограф Сем Шо, близок пријател на Монро, објави нова книга – „Драга Мерлин: Невидени писма и фотографии“ во која се открива малку познатата приказна којашто стои зад создавањето на таа сцена.
– Приказната зад кулисите, приказната за тоа како настанале фотографиите на мојот дедо од „Седум години верност“, не е баш добро позната. Започнала во 1941 година, кога тој бил фоторепортер. Тоа било во текот на Втората светска војна, кога фотографирал млади жени и морнари кои биле на одмор на Кони Ајленд. Тој фотографирал жени како стојат над решетките на Кони Ајленд, а ветерот им ги крева здолништата. Една од тие фотографии се појавила на насловната страница на списанието наречено „Петок“ во 1941 година – раскажала внуката на Шо, Мелиса Стивенс, за „Фокс њуз диџитал“.

Шо во 1954 година бил ангажиран да биде фотограф за „Седум години верност“ и според зборовите на својата внука, тој го прочитал сценариото и видел дека постои реченица во него кога Мерлин излегува од киното.
– Оди преку решетките, а под тоа поминува вагон на метрото. И во тој момент дува ветар. Репликата во сценариото била нешто како: „О, го чувствуваш ли ветерот? Не е ли прекрасно?“ Штом Сем го прочитал тоа во сценариото, се сетил на фотографијата од Кони Ајленд од 1941 година и колку била успешна. Тој во основа ја пренаменил таа фотографија за потребите на филмот, што е прекрасно. Тоа стана поголем настан отколку што некој некогаш очекуваше – рекла таа.
Според книгата, Шо го замолил филмското студио да обезбеди дополнителен број полицајци за да се справат со толпата што сигурно ќе се собере на раскрсницата на авенијата Лексингтон и 51. улица во Њујорк. Техничар управувал со машината за ветар под местото каде што ќе стои Монро за да го симулира преминот на метрото.

На 15 септември 1954 година, илјадници луѓе, претежно мажи, се собрале за да видат како фустанот на русокосата ѕвезда лета пред камерите. Со секој блесок, белата долна облека на 29-годишната актерка била изложена на бучната маса луѓе.
– Полицијата беше целосно неподготвена, повеќе фасцинирана од гледањето на Мерлин, заборавајќи на толпата. Сепак, ниту еден човек од толпата не се проби. Тие беа премногу хипнотизирани од она што го видоа – сведочел Шо.
Сепак, режисерите биле загрижени колку далеку можат да одат.
– Луѓето денес можеби мислат: „Во што е работата со жената чија здолниште малку се надува?“. Сепак, тогаш тоа беше многу контроверзно. Исто така, со оглед на цензурата и правилата на холивудскиот студиски систем, овие работи не биле дозволени. Сем за тоа зборува во книгата. Пишува за тоа како морале да бидат многу внимателни во текот на снимањето на сцената и начинот на кој ја фотографирал. Инаку, ќе била исечена од филмот. Ќе беше цензурирана – објаснила внуката на фотографот.
Финалниот производ бил скромен во споредба со она што сите го виделе таа вечер. Во филмот, фустанот на Монро не е прикажан драматично како минува преку нејзината половина, бидејќи Католичката легија на пристојност и други морални групи би ја критикувале таквата сцена како непристојна. Шо ја опишал Монро дека уживала во целото искуство повеќе од кој било друг – дури и повеќе од човекот долу во електраната. Сцената е повторно снимена во тонското студио во Лос Анџелес каде што Шо имал контрола врз ветарот и осветлувањето без илјадници гледачи. Снимката од фустанот како лебди стана клучна рекламна слика за филмот. „Седум години верност“ ја направи Мерлин Монро легенда, но сето тоа имало своја цена.
– Во текот на фотосесијата на решетките на метрото во Њујорк за филмот, сопругот на актерката, Џо Димаџо, наводно си заминал во бес. Три недели по снимањето, Мерлин им рекла на медиумите дека нејзиниот брак е завршен. Никогаш не ја видов да плаче освен на телевизија кога го напушти Џо. Тоа попладне беше на снимањето. Нејзиното расположение беше одлично. Се врати во студиото каде што работеше, позираше и се присети на своите реплики. Таа вечер отидовме на вечера. Беше целата насмеана и полна со ентузијазам. Што довело до разводот? Не знам. За жал, нејзините тројца сопрузи никогаш навистина не ја разбраа нејзината индивидуалност. Како и многу мажи, тие сакаа да ја обликуваат и преобликуваат според сопствените стандарди – напишал Шо.
ФОТО | Мерилин Монро и Џо Димаџио: Љубов каква што му прилега на Холивуд


