Откако на Јаневска ѝ рече: „Ти кажавме кога ќе доаѓаш во Тетово да земеш преведувач“, Невриј Адеми вели дека не бил непристоен
Невриј Адеми, кој во својство на новинар неделава во Тетово ѝ се обрати на министерката за образование и наука Весна Јаневска со зборовите: „Ти кажавме кога ќе доаѓаш во Тетово да земеш преведувач“, во објава на Фејсбук упатена до премиерот Христијан Мицкоски вели дека не се однесувал непристојно и дека поради изјавите на премиерот добивал „бројни закани од македонски граѓани“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Коментирајќи го случајот пред два дена, премиерот Мицкоски првин рече дека некои коментари не заслужуваат коментар, за потоа сепак да коментира дека Адеми „одлучил да прави естрада и циркузант од себе“. Денес, пак, Мицкоски во Собранието, одговарајќи на пратеничко прашање, рече дека „не му пречи албанскиот јазик“ и дека „дури и се труди да го научи“, но слично како и министерката Јаневска на забелешката на Адеми, нагласи дека официјален јазик во државата е македонскиот.
Адеми во денешната објава вели дека обвинувањата кон него дека бил непристоен се неточни и дека тие се „обид да се одвлече вниманието од суштинскиот проблем“. Според него, барањето му било „едноставно и фер“ и имплицираше дека со тоа што Јаневска не водела со себе преведувач од албански јазик, таа не го почитувала албанскиот јазик.
„Неприфатливо е јавна функција, избрана со гласови и платена од даноците на граѓаните, да ја избегнува одговорноста да комуницира на јазикот на секој граѓанин на оваа земја. Моето барање е едноставно и фер: почитување на мојот мајчин јазик – албанскиот. Наместо да одговорат на ова елементарно барање, тие се обидуваат да ме етикетираат и дискредитираат. Ова не е само неправедно, туку е и јасен показател за недостатокот на волја за еднаквост и институционално почитување“, пишува Адеми во објавата на Фејсбук.
На однесувањето на Адеми вчера реагираше Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), која ги потсети медиумските работници дека при извршувањето на работните задачи од својата професија треба доследно да ги почитуваат професионалните новинарски стандарди и принципи.
„Комуникацијата помеѓу новинарите и носителите на јавни функции треба да биде коректна,достоинствена и базирана на заемна почит, со висок степен на професионализам и одговорност. Агенцијата потсетува дека критичкото известување и поставувањето прашања се суштински дел од новинарската работа, но тие треба да бидат формулирани и презентирани во согласност со етичките норми на начин што не навредува, не дискредитира и не создава непотребни тензии“, порачаа од АВМУ.


