Биљал Касами и Весна Јаневска / Фото: принтскрин

Вреди: Министерката Јаневска е фрустрирана, не знае ни збор албански, а реагира дека не го разбира Касами

Впечатливо е дека задоцнетата реакција на Вреди кон министерката која ја нарекува фрустрирана, доаѓа откако во медиуми на албански јазик османаа наслови дека Јаневска го прекинала или замолчала Касами.

Вреди со еден ден задоцнување реагираат на забелешката на министерката за образование и наука Весна Јаневска за тоа што градоначалникот на Тетово, Билал Касами зборувал на албански јазик oдговарајќи на новинарски прашања пред панел-дискусија во Тетово. Tаа неколкупати му сугерираше да зборува на македонски јазик за, како што кажа, да може да разберат и оние кои не знаат добро албански јазик. Впечатливо е дека задоцнетата реакција на Вреди кон министерката која ја нарекува фрустрирана, доаѓа откако во медиуми на албански јазик османаа наслови дека Јаневска го прекинала или замолчала Касами.

„Вчера, за време на јавен настап, министерката за образование, Весна Јаневска, во два или три наврати изрази незадоволство од комуникацијата на албански јазик на градоначалникот на Тетово, Билал Касами, со новинарите од медиумите на албански јазик. Наместо да се чувствува лошо што г-дин Касами зборува македонски како и албански, додека таа – и покрај тоа што живее во повеќејазична средина – не знае ниту еден збор на албански јазик, министерката Јаневска реагираше затоа што не разбираше албански јазик“, посочуваат од партијата Вреди.

Вреди жали за ваквиот пристап на министерката Јаневска кон албанскиот јазик и велат дека таков став е во спротивност со духот на почитување и соживот што треба да го отелотворува секој претставник на државните институции.

„Во едно демократско и мултиетничко општество, кога дури и странски дипломати кои престојуваат во нашата земја две или три години учат неколку зборови на албански, да бидеш министер, па дури и министер за образование, а да не знаат ниту еден збор од јазикот на сограѓаните Албанци и да реагираат на употребата на албанскиот јазик, ова е тешко да се преведе во услови на коегзистенција, граѓанство и почитување на другите во едно мултијазично општество. Во меѓувреме, почитувањето на јазиците што се зборуваат во оваа земја е почитување на граѓаните и на самата држава што ги обединува“, велат од партијата.

Настанот за кој реагираат од Вреди се случи пред вчерашната панел-дискусија во Тетово во рамки на кампањата на МОН „Магијата е во знаењето“ кога Јаневска и тетовскиот градоначалник Билал Касами даваа изјава за медиумите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот