Христијан Мицкоски Фото: Принтскрин

На Мицкоски не му пречи албанскиот јазик, дури се труди и да го научи

Мицкоски одговори  дека нему не му пречи албанскиот јазик, дури и се труди да го научи, но му посочи на Реџепи дека според Уставот, македонскиот јазик е официјален на целата територија. 

Пратеникот од Европскиот фронт Скендер Реџепи на седницата за пратенички прашања го праша премиерот Христијан Мицкоски зошто во ек на економска и политичка криза Владата се занимава со етнички прашања.

– Многу граѓани прашуваат како е можно во криза и сиромаштија на министрите секој ден главна тема да им е нападите кон правата на Албанците и албанскиот јазик. Не сакате да ги затворите овие прашања зашто сакате да придобивате гласачи. Ова е неприфатливо за граѓанска држава. Мислите дека нема професионалци меѓу Албанците, тоа е грешка. Зошто се повикувате на професионалност, а всушност бркате само Албанци. Премиерот им рекол на министрите: ако не зборуваат македонски, ќе ги разреши. Пратениците зборуваат на албански. Пратениците не се должни да го знаат македонскиот јазик, во Собранието официјални се и македонскиот и албанскиот јазик – рече Реџепи.

Мицкоски одговори  дека нему не му пречи албанскиот јазик, дури и се труди да го научи, но му посочи на Реџепи дека според Уставот, македонскиот јазик е официјален на целата територија.

– Спомнавте за познавањето на македонскиот јазик. Според Уставот, тој е официјален јазик на цела територија. Гледам, еве, не ви требаат слушалки, но ако ставите, ќе имате превод од ова што го зборувам и на албански. Не ми пречи мене албанскиот јазик, ниту турскиот, ниту српскиот, ниту бошњачкиот, не ми пречи, не знам зошто се вознемирувате. Но, го читаме Уставот и, според него, официјален јазик на цела територија на оваа држава е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Не ми пречи албанскиот, слободно користете си го јазикот. Дури и се трудам да го учам и да го научам. Еве да ви кажам, за некоја година се надевам дека ќе можам и јас да не ги користам слушалките и кога ќе зборувате на албански, вака „грлато“, ќе можам да го разберам тоа, затоа што мислам дека преводот не е соодветен за тоа што го кажувате – рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот