Османи и Курти: Пресудата на Младиќ е потврда за геноцидната политика на тогашниот српски режим

Фото: Armend NIMANI / AFP / Profimedia

Пресудата на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија за доживотен затвор за водачот на српските сили во војната во Босна и Херцеговина, Ратко Младиќ, обвинет за геноцид и злосторства врз тамошните Муслимани, беше поздравена од повеќе претставници на косовските Албанци, меѓу кои и од претседателката на Републиката, Вјоса Османи и од премиерот Албин Курти.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, косовските челници во нивните реакции оценија дека пресудата за Младиќ претставува „потврда на геноцидната политика” на тогашниот српски режим, предводен од покојниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ и неговите тогашни соработници.

Османи ја оцени пресудата на Хашкиот трибунал како „еден од ретките случаи во кои правдата е задоволена” и порача дека „на регионот му претстои уште многу долг пат за да се дојде до правда за преживеаните и семејствата на исчезнатите” во војните.

Ратко Младиќ е осуден на доживотен затвор

Косовската претседателка преку нејзиниот Твитер порача дека „веќе нема сомневања” оти целта на тогашниот српски режим „беше геноцидот”.

– По оваа одлука, луѓето и семејствата кои доживеаја големи страдања предизвикани од режимот на Милошевиќ, ќе чувствуваат дека се чекор поблиску до правдата. Веќе нема сомневања дека целта на Милошевиќ, Младиќ и другите делови на тој режим беше геноцидот. Оваа пресуда ќе влезе во историјата како еден од ретките случаи во кои правдата е задоволена, меѓутоа на регионот му претстои уште многу долг пат за да се дојде до правда за преживеаните и семејствата на исчезнатите”, напиша Османи, заклучувајќи ја пораката со зборовите на американскиот претседател Џо Бајден, дека „правдата и помирувањето се темелите на мирот и стабилноста”.

Курти, исто така преку неговата страница на Твитер, оцени дека пресудата за Младиќ, кого го нарече „касапинот на Босна и Херцеговина” претставува „потсетување дека на српското негирање на злосторствата од минатото во Босна и во Косово треба да му дојде крајот”.

Косовскиот премиер забележува дека „Србија го криеше (Младиќ) и го портретираше како херој”.

– Злогласниот воен злосторник Ратко Младиќ, познат како „касапинот на Босна и Херцеговина”, е осуден на доживотен затвор поради геноцид. Србија го криеше и го портретираше како херој. Меѓутоа, оваа пресуда е потсетување дека на српското негирање на злосторствата од минатото во Босна и во Косово треба да му дојде крајот, напиша Курти.

Жалбениот совет на Хашкиот Трибунал ја потврди вчера првостепената пресуда за воениот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, кој во ноември 2017 година беше осуден на доживотен затвор од Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија. Младиќ со оваа одлука е дефинитвно прогласен за виновен за најсериозните воени злосторства за време на војната во БиХ, вклучително и геноцидот од јули 1995 година во Сребреница, во кој беа ликвидирани над 8.000 цивили Муслимани, меѓу кои и голем број деца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот