Џастин Бибер на Коачела - Фото: Инстаграм/ jamielaing

Организаторите на „Коачела“ казнети со 44.000 долари — настапите на Џастин Бибер и Анима траеле неколку минути подолго од дозволеното

Организаторите на фестивалот „Коачела“ се соочуваат со парична казна од вкупно 44.000 долари, откако за време на вториот викенд, настапите на Џастин Бибер и Анима траеле подолго од дозволеното време, пишува „Билборд“.

Според информациите, организаторите биле казнети поради прекршување на полицискиот час во 1:00 часот наутро утврден од градот, правило што важи во Индио, каде што овој музички настан се одржува од 1999 година. Додека првиот викенд поминал без прекршувања, за време на вториот биле надминати дозволените термини.

Во ноќта меѓу петок и сабота, настапот на Анима траел до 1:09 часот по полноќ, поради што била изречена казна од 24.000 долари. Следната вечер, настапот на Џастин Бибер како главна ѕвезда завршил две минути подоцна од дозволеното, што довело до дополнителна казна од 20.000 долари.

Фестивалот Коачела функционира според долгогодишен договор со градот Индио, кој предвидува концертите да завршуваат најдоцна до 1 часот по полноќ во петок и сабота, односно до полноќ во недела. Според правилата, за првите пет минути прекршување се изрекува казна од 20.000 долари, а за секое дополнително надминување се додаваат нови трошоци.

Ова не е првпат организаторите да се соочат со вакви санкции. Во 2009 година, тие платиле 54.000 долари поради настапот на Пол Макартни, кој траел речиси еден час подолго од дозволеното.

Покрај тоа, во 2023 година биле изречени казни во вкупен износ од 168.000 долари, откако шест изведувачи ги надминале ограничувањата, меѓу кои Бед Бани, Френк Оушн, Викенд, Скрилекс, Фред Аген и Фор Тет. Минатата година, пак, организаторите платиле уште 20.000 долари поради настапот на Тревис Скот, кој траел три минути подолго од дозволеното.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот