Охрид со предност ја пречекува Татабања и оди по својот прв европски трофеј
Ракометарите на Охрид вечерва имаат можност да испишат една од најсветлите страници во клупската историја. Во реванш финалето од ЕХФ Европскиот куп, охриѓани пред својата публика ќе се соочат со унгарска Татабања, носејќи минимална предност од првиот натпревар.
Препорачано
Македонскиот тим одигра одличен меч на гостински терен во Унгарија и успеа да слави со 29-28. Избраниците на Борис Ројевиќ во еден период имаа и шест гола предност, но и покрај тоа што не ја задржаа до крајот, во Охрид се вратија со резултат што им дава реални шанси за освојување на трофејот.
Во таборот на „гладијаторите“ владее голем оптимизам пред најважниот натпревар во сезоната. Ракометарите се подготвени и мотивирани да го направат последниот чекор кон историски успех, свесни дека пред нив е можност која ретко се добива.
Од другата страна ќе стои Татабања, екипа која уште пред почетокот на сезоната беше посочувана како главен кандидат за освојување на трофејот. Унгарскиот состав сигурно чекореше низ натпреварувањето, но во првиот финален дуел се соочи со инспириран Охрид кој покажа дека може рамноправно да се носи на теренот.
Сцената е подготвена за вистински ракометен спектакл крај Охридското Езеро. Со поддршка од преполните трибини, охриѓани ќе се обидат да ја заокружат извонредната сезона и да стигнат до првиот европски трофеј во клупската историја.
Ќе потсетиме, Охирд игра и за трофејот од ова натпреварување да остане во Македонија бидејќи лани триумфираше екипата на Алкалоид.


