Официјално: Французите ќе го напуштат Вардар, како и Додиќ и Валчак

Пред стартот на последниот натпревар сезонава во македонската машка Суперлига во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје меѓу Вардар 1961 и Тиквеш се дозна дека вкупно шест ракометари ќе се разделат со скопските „црвено-црни“.
Тие се француските интернационалци Бакари Диало, Жереми Тото и браќата Оливие и Кевин Њокас. Потоа, полскиот пивот Патрик Валчак и српскиот плејмејкер Стефан Додиќ. Сите пред мечот добија врамени дресови од клубот.
За Диало се шпекулира дека ќе направи трансфер во Тулуз, не е познато кој ќе биде следниот предизвик за браќата Њокаси, а од следната сезона Тото ќе ги брани боите на Нант.
Следен клуб на средниот бек Додиќ ќе биде полската екипа Кјелце, а според полските медиуми Валчак се сели во Португалија во редовите на Спортинг Лисабон.
Вардар 1961 ја информираше јавноста досега за четири нови засилувања: Португалецот Жилберто Дуарте (лев бек), Црногорецот Божо Анѓелиќ (среден бек), словенечкиот десен бек Нејц Цехте и рускиот пивот Павел Андреев.