Од Владата реагираат за тоа како сме го пренеле Мицкоски, велат дека не објаснувал за техничката влада
Владата вечерва испрати реакција до „Слободен печат“ во која изразува незадоволство од насловот на веста со која пренесуваме што кажа премиерот Христијан Мицкоски вечерва во гостување на „Сител“ околу ултиматумот што денеска му го упати лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче.
Препорачано
Станува збор за укинувањето на пржинската, техничка влада пред секои парламентарни избори, кое власта деновиве го турка во Собранието по скратена постапка и без консензус меѓу парламентарните партии.
Филипче постави услов – Владата да ги повлече предложените измени на Законот за Влада со кои се укинува техничката влада, а во спротивно СДСМ ќе ја напушти работната група за Изборниот законик. Мицкоски потоа потроши голем дел од вечерашното интервју обидувајќи се да поентира наспроти Филипче, притоа токму објаснувајќи ја својата политичка поента – дека Филипче знаел оти техничката влада се укинува не од следните избори, туку од тие по нив, како и дека, ако СДСМ е силен како што кажува неговиот лидери планира да победи на следните избори, на Мицкоски не му е јасно зошто опозициската партија бара техничката влада да продолжи да постои.
Еве што меѓу другото рече премиерот во долгото излагање на оваа тема:
„Измените во Законот за влада велат дека на следните парламентарни избори останува да важи техничката влада, а тоа подразбира дека како што беше за изборите во 2024-тата, на изборите во 2020-тата, на изборите во 2016-тата така и сега на следните избори парламентарни останува техничката влада. Јас 100 дена пред одржување на изборите како политички претседател на Владата давам оставка, доаѓа технички премиер, го бира Парламентот, опозицијата СДСМ учествува со свои кадри во рамките на владините тела, министерства, заменици министри итн. Мора јавноста ова да го знае, ова е факт дека на следните избори ние ќе имаме техничка влада. Бидејќи самиот претседател на СДСМ вели дека се тие толку силни организирани, луѓето го препознаваат тоа, се приклучуваат кон СДСМ видни интелектуалци професори итн., претпоставувам дека на следните избори на коишто ќе има техничка влада тие ќе победат и ќе формираат политичка влада. Законот вели дека од тие избори потоа, нема да важи, а тоа значи дека тие коишто ќе ја предводат владата после победата на следните избори веќе ќе немаат техничка влада, ќе можат да си владеат со владата, ќе можат да ја управуваат државата итн. Тоа се законските измени, тоа е суштината.”
Од Владата сега реагираат поради тоа што „Слободен печат“ ова де факто објаснување, во насловот на веста го нарекува „објаснување“:
Насловот гласи: „Откако Филипче го услови, Мицкоски објаснува: Техничката влада не се укинува за следните избори“.
Тоа просто наведување на следот на настаните – условот на Филипче и објаснувањето на Мицкоски, односно самата употреба на зборот „објаснување“, Владата го нарекува „неточна и тенденциозно поставена интерпретација“. Мицкоски имал конзистентна позиција и со ова не реагирал на условувањето на Филипче, уверуваат од „Илинденска“.
„Во насока на заштита на јавниот интерес и точната информираност, должни сме да реагираме на насловот: „Откако Филипче го услови, Мицкоски објаснува: Техничката влада не се укинува за следните избори“, кој содржи неточна и тенденциозно поставена интерпретација. Ваквата конструкција не кореспондира со фактите. Претседателот на Владата ниту изјавил, ниту имплицирал дека станува збор за какво било „објаснување“ како резултат на нечие условување. Напротив, позицијата во однос на укинувањето на техничката влада е јасно, прецизно и недвосмислено артикулирана уште на лидерската средба одржана на 14.01.2026 година, каде беше експлицитно потенциран временскиот момент од кој овие измени би стапиле на сила. Оттука, секој обид оваа конзистентна позиција да се прикаже како наводно „ретерирање“ или како реакција на нечие условување претставува произволна интерпретација која не произлегува од реалните изјави и договорени рамки. Очекуваме од медиумите доследно почитување на професионалните стандарди, особено кога станува збор за прашања од институционално и политичко значење, со цел да се избегне креирање на погрешни перцепции во јавноста“, пишуваат од Владата во реакцијата.


