Филипче со ултиматум до Мицкоски: Пржинската влада мора да остане, во спротивно излегуваме од работната група за Изборниот законик
Овој закон за укинување на пржинската влада мора власта да го повлече, вакви автократски манири не се дозволени и нема да прифатиме
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, му постави ултиматум на премиерот Христијан Мицкоски – Владата да ги повлече измените на Законот за Влада со кои се укинува техничката влада, во спротивно СДСМ ќе ја напушти работната група за Изборниот законик.
Препорачано
– На овој начин којшто е целосно автократски манир на владеење, оваа влада не треба и не може да се укине. Таа е единствен гарант за спроведување на фер и демократски избори. Кога власта има целосна контрола врз судството и се именуваат партиски послушници за судии и обвинители, кога премиерот со своите чувства дели наредба на обвинителите и кога не се знае како и на кој начин се употребуваат податоците од системот „Безбеден град“, ова едноставно не смее да се случи. Ова е еднакво на манирот на владеењето на Никола Груевски од 2006 до 2016 година. Доколку денеска овој закон помине на комисија и власта продолжи да ја тера собраниската процедура, нашата пратеничка група се повлекува од работната група за Изборниот законик. Овој закон за укинување на пржинската влада мора власта да го повлече, вакви автократски манири не се дозволени и нема да прифатиме – рече Филипче.

Тој е уверен дека ќе има предвремени избори и рече дека, затоа на власта ѝ се брза со овие законски измени.
– Им се брза зошто снемува пари во буџетот за нивните бизнис интереси. Се брза да се донесе законот за да се распишат предвремени избори. Законот за избори не може да се донесе без нашата пратеничка група- нагласи Филипче.
Мнознството вчера ја изгласа потребата за укинување на техничката влада. Предлогот е техничката влада да важи уште за следните избори, а дефинитивно ќе замине во историјата на изборите потоа. Опозициските СДСМ и ДУИ се против укинување на техничката влада.


