Откако Филипче го услови, Мицкоски објаснува: Техничката влада не се укинува за следните избори
Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во Дневникот на „Сител“, говорејќи за најавеното укинување на т.н. пржинска влада, рече дека овие измени нема да важат за следните избори, туку техничката влада ќе се укине на изборите кои ќе следат по нив.
Препорачано
Ова доаѓа откако лидерот на опозискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, денеска му упати ултиматум – техничката влада да остане, а во спротивно СДСМ ќе се повлече до консултациите за измените во Изборниот законик.
„Измените во Законот за влада велат дека на следните парламентарни избори останува да важи техничката влада, а тоа подразбира дека како што беше за изборите во 2024-тата, на изборите во 2020-тата, на изборите во 2016-тата така и сега на следните избори парламентарни останува техничката влада. Јас 100 дена пред одржување на изборите како политички претседател на Владата давам оставка, доаѓа технички премиер, го бира Парламентот, опозицијата СДСМ учествува со свои кадри во рамките на владините тела, министерства, заменици министри итн. Мора јавноста ова да го знае, ова е факт дека на следните избори ние ќе имаме техничка влада“, рече Мицкоски.
„Бидејќи самиот претседател на СДСМ вели дека се тие толку силни организирани, луѓето го препознаваат тоа, се приклучуваат кон СДСМ видни интелектуалци професори итн., претпоставувам дека на следните избори на коишто ќе има техничка влада тие ќе победат и ќе формираат политичка влада. Законот вели дека од тие избори потоа, нема да важи, а тоа значи дека тие коишто ќе ја предводат владата после победата на следните избори веќе ќе немаат техничка влада, ќе можат да си владеат со владата, ќе можат да ја управуваат државата итн. Тоа се законските измени, тоа е суштината”, додаде Мицкоски.


