Од кујната на младиот Давор Панчевски: Брза пита со компир и праз

Фото: Приватна архива

Вистинско уживање е кога младите сакаат да покажат што умеат, што можат и што сè знаат да создадат. Вистинско уживање е ѝ кога несебично сакаат да ги споделат своите вештини. Таква е приказната со младиот готвач Давор кој повторно реши со нас да ги сподели тајните од неговата кујна.

Сакате брза пита со компир и праз? Сигурни сме дека одговорот е „Да“. Кој не би сакал нешто брзо, а толку вкусно. Оваа комбинација е одлична, а самата пита се подготвува брзо. А за вкусот, како што вели Давор, сигурен е дека ќе ви се допадне…

Потребни состојки

500 г кори за пита
4 средни компири, рендани
2 струка праз, ситно исечкани
Сол по вкус
300 мл кисела вода
50 мл масло за јадење
Прстофат прашок за печиво

Фото: Приватна архива

Најпрво пропржете го празот на малку масло и зачинете со сол. Тргнете на страна да се излади.

Во длабок сад изрендајте ги излупените компири (живи), а потоа низ кујнска крпа процедете ги од вишокот течност.

Во празот додајте го компирот и промешајте го филот додека не се соедини.

Во сад измешајте ги заедно маслото за јадење, пецивото и киселата вода.

Следно, земете една кора и попрскајте ја со течноста и наросете малку од филот со праз и компир.

На тенко сукало или најдебелата плетачка игла свиткајте ја кората во ролат и кога ќе ја префрлите во тавче за печење подзгужвајте ја за да има рапав изглед.

Постапката повторете ја додека не ги потрошите филот и корите, а вишокот од течноста полејте го врз секоја кора од питата. Печете на 200 степени во загреана рерна околу 25-30 минути.

Забавно готвење ви порачува Давор!

Фото: Приватна архива
Видео на денот