Од коронавирусот во Македонија умреле двојно повеќе мажи отколку жени

Фото: Слободен печат/Драган Митровски

Три четвртини од починатите од коронавирус имале придружни болести, најчесто кардиоваскуларна болест, белодробна болест и дијабетес, покажува најновиот приказ на Институтот за јавно здравје. Од вкупно 153 смртни случаи, 83 лица имале кардиоваскуларна болест, 31 лице имало шеќерна болест и триесет луѓе имале белодробно заболување.

Надвор од болница починале девет лица, а останатите пациенти починале за време на хоспитализација.

Здравствените работници со кои ,,Слободен печат“ стапи во контакт тврдат дека пациентите честопати доаѓаат в болница откако веќе подолго време се обидувале да се лекуваат сами дома, по што симптомите прогресирале и резултирале фатално. Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се возрасни луѓе, над 60 години. Регистрирани се 103 смртни случаи кај лица од машки и 50 кај лица од женски пол.

Меѓу најизложените од ризик да се заразат со коронавирусот се здравствените работници поради природата на нивната работа. Досега од ковид-19 заболеа 322 здравствени работници, од кои во текот на епидемијата оздравеа 248.

Коронавирусот влезе во 31 град во државата. Најголем дел од заразените се во Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп, Велес и во Штип. Највисока смртност е регистрирана во Струга. Во струшките села епидемиолозите мака мачат со луѓе што имаат симптоми, но не сакаат да се тестираат за да не добијат официјален позитивен резултат што ќе ги смести во изолација. Пациентите ги пропуштаат закажаните термини во ,,Мој термин“ само за да не добијат позитивен тест. Се прави обид да се едуцира населението за тоа дека мора да соработува со здравствените власти за да го заштити своето здравје.

Од коронавирус во земјава се заразени лица од најмала до највисока возраст, односно од бебиња, до 94-годишни луѓе. Дури 586 од пациентите со коронавирус имаат меѓу 50 и 59 години. Има вкупно 161 дете заразено со ковид-19, на возраст до 9 години, и 164 случаи на деца од 10 до 19 години.

Според параметрите на Светската здравствена организација, Скопје и Тетово се во фаза на широко распространета трансмисија во заедницата, што е фаза 4. Штип е во фаза 3, односно таму е регистрирана локализирана трансмисија, а останатиот дел од земјава е во фаза 2, што значи дека таму има спорадични случаи.

Митови и вистини за коронавирусот, проверени од СЗО

Врз основа на информации од Светската здравствена организација, Институтот за јавно здравје објави упатства чија цел е да се разбијат митовите околу коронавирусот. Во овие упатства се сугерира дека:

– антибиотиците не делуваат на вирусите,

– постојните вакцини против пневмонија не штитат од ковид-19,

– пратките по пошта се безбедни, вирусот не преживува долго на нив,

– ниедна возраст не е безбедна од вирусот, сите треба да ги почитуваат мерките за заштита,

– нема докази дека миленичињата се заразуваат од вирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот